Романски артефакти, меѓу кои и златен шлем стар 2.500 години, беа украдени од музејот Дренц во Холандија рано вчера, соопшти музејот. Гето-дакиските артефакти му припаѓаа на Националниот историски музеј во Букурешт и беа позајмени заедно со дела од други романски музеи како дел од турнејата на изложбата. Со вкупно 673 експонати, изложбата требаше да биде затворена денеска.
„Ова е црн ден за музејот Дренц во Асен и Националниот историски музеј на Романија во Букурешт“, рече во изјавата генералниот директор на Дренц, Хари Тупан. „Во неговото 170-годишно постоење, никогаш немало толку голем инцидент“.
Локалната полиција верува дека неколку лица го извршиле грабежот откако употребиле експлозив за да ја отворат вратата, се вели во соопштението, додавајќи дека властите ќе го вклучат Интерпол во истрагата.
Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис вчера рече дека холандскиот премиер Дик Шуф го уверил оти властите ги преземаат „сите неопходни мерки за да ги идентификуваат осомничените и да ги вратат артефактите“.
Дакиските теми беа присвоени во текот на децениите од ултранационалистичките партии во Романија. Меѓу украдените предмети е и златниот шлем на Котофанести, кој датира од околу 450 година п.н.е. и три дакиски кралски нараквици датирани од 50 п.н.е.
Дакиските нараквици првично беа украдени во раните 1990-ти од урнатините на дакиските тврдини во Романија и беа продадени на аукција на црниот пазар. Досега властите повратиле само околу десетина од нив.