РУСИЈА И УКРАИНА ВОДАТ РОВОВСКИ БОРБИ НА ДЕНОТ КОГА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ПОЧЕТОКОТ НА НАЦИСТИЧКАТА ИНВАЗИЈА НА СССР

    РУСИЈА И УКРАИНА ВОДАТ РОВОВСКИ БОРБИ НА ДЕНОТ КОГА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ПОЧЕТОКОТ НА НАЦИСТИЧКАТА ИНВАЗИЈА НА СССР22 јуни е значаен ден за Русија, каде што се нарекува Ден на сеќавање и тага (Фото: Министерството за одбрана на Русија)

    Руските и украинските сили водат крвава рововска борба во источна Украина на денот кога двете земји го одбележуваат почетокот на нацистичката инвазија на Советски Сојуз во 1941 година. Руската војска контролира 95% од регионот Луганск, но и натаму не може целосно да го освои, иако распореди дополнителни засилувања и има огромна предност во артилерија и други воени средства.

    „Денес, сè што може да гори во Донбас е во пламен. Толку е тешка ситуацијата“, изјави гувернерот на Луганск, Серхиј Гајдај, алудирајќи на жестоките руски бомбардирања.

    22 јуни е значаен ден за Русија, каде што се нарекува Ден на сеќавање и тага, но тој се одбележува и во Украина и Белорусија, кои тогаш биле во составот на СССР. Војната траела 1.418 дена и притоа загинале 27 милиони советски војници и цивили.

    Во пресрет на годишнината, руското министерство за одбрана објави документи што датираат од почетокот на Втората светска војна и наводно покажуваат дека Германија ја оправдувала инвазијата со тврдењето дека советската армија бомбардира цркви и гробишта.

    „Како и денес, и во 1941 нацистите подготвиле провокации со цел да ја дискредитираат нашата држава“, велат од министерството.

    Зборувајќи пред питомците на руските воени академии на раскошен прием во Кремљ, Владимир Путин вчера кажа дека руските вооружени сили се наследници на легендарните воени традиции на земјата.

    „Нашата земја поминува низ уште една серија искушенија. Русија ќе ги надмине сите предизвици и ќе бидеме уште посилни“, изјави Путин.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира