РУСИЈА ПЛАНИРА ДА ГО АНЕКТИРА УКРАИНСКИОТ РЕГИОН ХЕРСОН И БЕЗ РЕФЕРЕНДУМ

    РУСИЈА ПЛАНИРА ДА ГО АНЕКТИРА УКРАИНСКИОТ РЕГИОН ХЕРСОН И БЕЗ РЕФЕРЕНДУМРуските сили го окупираа регионот Херсон и истоимениот град уште на почетокот на руската инвазија во февруари. - Мапа на Украина со регионот Херсон во црвена боја

    Локалните функционери поставени од Москва во градот Херсон на југот на Украина велат дека имаат намера да побараат од рускиот претседател Владимир Путин да ѝ се приклучат на Русија, што е досега најјасен знак дека Кремљ планира да го анектира украинскиот регион.

    Дмитри Песков, портпаролот на Путин, денеска им кажа на новинарите дека жителите на Херсон треба да одлучат дали ќе станат дел од Русија. Руските сили го окупираа регионот Херсон и истоимениот град уште на почетокот на руската инвазија во февруари.

    „Таквите судбински одлуки мора апсолутно да имаат јасна законска основа, да бидат комплетно законски исто како што беше во случајот на Крим“, додаде Песков.

    Полуостровот Крим, кој граничи со Херсон, беше анектиран од Русија во 2014 година, откако специјални сили го окупираа полуостровот, а потоа беше спроведен референдум.

    Најголем дел од земјите не го признаваат Крим како дел од Русија, а Украина и нејзините сојузници велат дека анексијата е во спротивност со меѓународното право.

    Песков не кажа дали Русија планира да одржи сличен референдум во Херсон, а руските функционери таму кажаа дека нема да бараат референдум, што е силен индикатор дека Москва нема намера да ѝ ги врати окупираните територии на Украина.

    Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, вели дека соработниците на рускиот окупатор во Херсон можат да бараат што сакаат, но на крај украинската армија ќе го ослободи регионот.

    „Окупаторите можат да побараат и да се приклучат на Марс или Јупитер. Украинската армија ќе го ослободи Херсон, без разлика какви игри со зборови играат“, вели Подољак.

    Кирил Стремусов, гувернер на регионот Херсон назначен од Русија, вели дека градот Херсон е Русија, додавајќи дека нема планови за одржување референдум за отцепување како во Донецк и Луханск во 2014 година.

    „Нема да има референдуми. Ќе има декрет базиран на барањето на регионалното раководство на Херсон до рускиот претседател и ќе има барање регионот да се вклучи во Руската федерација“, кажа Стремусов.

    Андреј Турчак, претседателот на путиновата партија Обединета Русија, минатата недела го посети Херсон и кажа дека Русија ќе остане таму засекогаш.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира