Руските хакери кои се вмешаа во ланските претседателски избори во САД ја немале за цел само кампањата на Хилари Клинтон, туку напаѓале и и-мејл адреси на украински офицери, претставници на руската опозиција, лица и компании од американската армија и илјадници други кои биле од интерес на Кремљ, објави агенцијата АП.
Оваа листа дава докази за директната поврзаност на хакерите со руската влада и ја открива операцијата која траела со години и се обидела да ги пробие адресите на повеќе од 4.700 корисници на Гугл низ целиот свет, од претставниците на папата во Киев до членките на панк групата „Пуси рајот“.
„Тоа е листата на желби кого сѐ сакате да изложите на руските интереси. Тоа е листа на поединци што Русија сакала да ги посрамоти, шпионира, дискредитира или замолчи“, вели Кир Џајлс, директорот на Центарот за истражување конфликти во Кембриџ.
Фирмата специјализирана за сајбербезбедност „Секјурворкс“ успеала да ги поврзе овие активности со хакерската група „Фенси берс“, која, покрај американските демократи, имала и други цели во САД, Украина, Русија, Грузија и Сирија.
Во Украина, таа се обидела да пробие најмалку 545 налози, меѓу кои и оние на претседателот Порошенко и на неговиот син Алексеј.
На домашен терен, групата се фокусирала на противниците на режимот и на десетина новинари, а на листата се наоѓаат и мал политички магазин од Ерменија, еколошки активист од Мурманск, организација за сексуална едукација од Казахстан, па дури и претставникот на Ватикан во Киев.
„Нејасно е зошто која било друга земја би била заинтересирана за нивните активности. Ако не сте Русија, хакирањето на овие луѓе е огромно губење време“, смета експертот за руската надворешна политика Мајкл Кофман.