РУСКАТА РАКЕТА ШТО ПАДНА ВО ПОЛСКА ГО ВОЗНЕМИРИ НАТО

    РУСКАТА РАКЕТА ШТО ПАДНА ВО ПОЛСКА ГО ВОЗНЕМИРИ НАТОПолските власти соопштија дека нема повредени, но ударот од неидентификуван објект оставил огромен кратер на поле во близина на полско-украинската граница. (Фото: Виборшча)

    Навлегувањето на најверојатно руска крстосувачка ракета во полскиот воздушен простор го алармираше НАТО. Генералниот секретар Марк Руте по разговорот со полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека Алијансата стои солидарно со Полска и ќе продолжи да ја зајакнува својата одбранбена подготвеност. Инцидентот, според него, претставува уште еден неодговорен чин на Русија и опасна последица од војната против Украина.

    Портпаролот на воениот штаб на НАТО во белгискиот град Монс, Мартин О’Донел, изјави дека Алијансата е во близок контакт со полските власти поради нарушувањето на полскиот воздушен простор. Во случајот бил вклучен и врховниот командант на сојузничките сили Алексус Г. Гринкевич, кој разговарал со началникот на Генералштабот на Полска, Вјеслав Кукула.

    Според портпаролот О’Донел, и Полска и НАТО активирале воздушни и копнени одбранбени капацитети како одговор на навлегувањето на ракетата. Меѓу другото, биле подигнати и распоредени два полски борбени авиони „ф-16“, танкер-авион на НАТО од типот „ербас А330“, полски авион за рано предупредување „сааб 340“, како и полски хеликоптер „ми-24“.

    Полските власти претпоставуваат дека руската ракета најверојатно била крстосувачка ракета од типот „кх-101“. Таа паднала на поле во Полска, на околу 90 километри од границата со Украина. Нема повредени лица. Полската телевизија прикажа снимки од огромен кратер, а локалните жители велат дека се слушнала силна експлозија.

    Според портпаролот на НАТО, ракетата била една од многуте што Русија ги истрелала кон Украина во текот на ноќта. Тој не прецизираше за кој тип ракета станува збор.

    Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, го нарече инцидентот „неприфатливо нарушување“ на воздушниот простор на Европската Унија. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го осуди инцидентот во источна Полска. Тој на платформата Икс напиша:

    „Остро ги осудуваме масовните руски напади врз Украина. Повторно, многу цивили мораа да ги загубат своите животи. А ударот во Полска исто така сведочи за руската безобѕирност и подготвеност за ескалација. Ние непоколебливо стоиме на страната на нашите партнери.“

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира