Жителите на Киев се подготвуваат за уште една ноќ во засолништа, додека руските трупи наближуваат околу украинскиот главен град и има престрелки на периферијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека украинската војска го одбила рускиот напад и вети дека ќе продолжат со борбата, апелирајќи за повеќе помош од меѓународната заедница.
„Вистинската битка за Киев е во тек“, кажа Зеленски во видеопорака во која ја обвини Русија дека гаѓа инфраструктура и цивилни цели.
„Ние ќе победиме“, кажа тој.
Во центарот на Киев беше мирно денеска, иако се слушаа повремени истрели. Борбите на периферијата сугерираат дека помали руски единици се обидуваат да го расчистат патот за главницата.
Британското министерство за одбрана вели дека главницата на руските сили е на 30 километри од центарот на Киев.
Градоначалникот на Киев Витали Кличко денеска соопшти дела воведува полициски час од 5 часот попладне до 8 часот наутро и кажа дека сите цивили затекнати на улица за време на полицискиот час ќе се сметаат за членови на непријателските групи за саботажа и извидување.
Украинскиот министер за здравство денеска кажа дека 198 луѓе, вклучувајќи три деца, загинале од почетокот на руската инвазија, додека над илјада се повредени. Не е јасно дали во таа бројка се вклучени и воени лица.