Руското Јавно обвинителство испрати барање до Министерството за правда поп кралицата Ала Пугачева да биде означена како странски агент, објави вчера државната новинска агенција РИА. Пугачева е меѓу најпознатите луѓе во Русија, а во минатото ја чествуваа и претседателот Владимир Путин и неговиот претходник, Борис Елцин. По смртта на Михаил Горбачов во 2022, Пугачева го пофали последниот советски лидер што дозволил слобода и неговото отфрлање на насилството.
РИА објави копија од документ од шефот на Федералниот проект за безбедност и антикорупција, Виталиј Бородин, во кој се наведува барањето. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не слушнал официјални изјави за ова прашање. Пугачева, која има и израелско државјанство и се смета дека е на Кипар, не коментираше. „Шот“, руски медиум со блиски врски со безбедносните служби, рече дека официјалното соопштение може да биде објавено на нејзиниот 75-ти роденден на 15 април.
Официјално означување на неа како „странски агент“ ќе го нагласи јазот меѓу Кремљ и многу – но не сите – културни икони на советска и постсоветска Русија околу Украина. Да се биде означен како „странски агент“ често е првиот знак за сериозна неволја со властите во Русија. Има 787 организации и луѓе наведени како такви. Етикетата има негативна конотација од советската ера и нејзините носители треба да ја стават на видно место на сите содржини што ги објавуваат. Тие се соочуваат и со тешки финансиски и бирократски барања. За многу противници на претседателот Владимир Путин, сепак, ознаката се смета за значка на честа – доказ дека тие му се спротивставија на лидерот што го сметаат за диктатор и велат дека ја носи Русија во пропаст.
Пугачева, која со децении беше многу популарна во Русија и другите делови на поранешниот Советски Сојуз, ја напушти земјата со својот сопруг неколку недели откако Русија испрати војници во Украина во февруари 2022. Таа предизвика возбуда и кај поддржувачите и кај противниците на војната велејќи дека Русија станала „отпадничка“ држава и дека нејзините војници умираат за „илузорни цели“. Пугачева провокативно сугерираше дека властите треба да ја класифицираат како „странски агент“ – статус што веќе се применува за нејзиниот сопруг, актерот и комичар Максим Галкин.
И покрај тоа што Русија по почетокот на војната воведе закон кој бара затворски казни или парични казни за секој што ја оцрнува војската, Пугачева не е обвинета. Таа се врати во Русија во мај 2023 на погребот на модниот дизајнер Валентин Јудашкин, каде што беше забележан портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков како ѝ бакнува рака. Пугачева подоцна ја напушти земјата. На почетокот на овој месец, 74-годишната пејачка рече дека ниту еден нормален човек нема да се врати во Русија.
Пугачева е најпозната по хитовите како „Милион алови рози“ од 1982 и филмот „Жената која пее“ од 1978. Нејзиниот приватен живот – особено нејзиниот брак со Галкин, кој е 27 години помлад од неа – долго време беше тема на интерес на руските медиуми. За разлика од Галкин, кој ја критикуваше руската инвазија на Украина веднаш по нејзиното започнување, Пугачева не даде веднаш никакви политички изјави. Таа го направи тоа дури откако Москва го означи Галкин како странски агент.
„Се солидаризирам со мојот сопруг, чесна, пристојна и искрена личност, вистински и некуплив патриот на Русија, кој ѝ посакува на својата татковина просперитет, мирен живот, слобода на говорот и крај за тоа нашите момчиња да умираат за илузорни цели кои нашата земја ја направија отпадничка и им ги искомплицираа животите на нашите граѓани“, напиша Пугачева во објавата на Инстаграм во септември 2022.