Американскиот претседател Џо Бајден денеска рече дека краткото востание на руските платеници против Кремљ е дел од борбата за превласт во рускиот систем и дека САД и нивните сојузници не биле вклучени во тоа.
„Јасно кажавме дека не сме вмешани, немавме никаква врска со ова“, рече Бајден во првите коментари за бунтот на платениците на „Вагнер“ што згасна во текот на викендот.
На настанот во Белата куќа, Бајден се осврна на драматичната борба за моќ што избувна во текот на викендот кога бунтовниците се упатија кон Москва, а застанаа дури пред да стигнат до главниот град. Бајден рече дека му наредил на својот тим за национална безбедност да го информира за ситуацијата „од час во час“ и да се подготви за низа сценарија, кои тој не ги детализираше.
Руските разузнавачки служби истражуваа дали западните шпионски агенции одиграле улога во прекинатиот бунт, според денешна изјава на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров што ја цитираше новинската агенција ТАСС. Американската разузнавачка заедница „беше свесна“ дека бунтот организиран од шефот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин „постои како можност“ и го информираше Конгресот „во согласност со тоа“ пред да започне, рече извор запознаен со ова прашање, кој сакаше да остане анонимен.
Бајден рече дека разговарал со клучните сојузници на видеоконференција за да се увери дека сите биле на иста страна и координирани во нивниот одговор.
„Тие се согласија со мене дека мораме да се погрижиме да не му дадеме на (рускиот претседател Владимир) Путин никакво оправдување – не му дававме оправдување на Путин – за ова да го обвини Западот и да го обвини НАТО“, рече тој.
Бајден, кој вчера разговараше со украинскиот претседател Володомир Зеленски, рече дека ќе разговара со него повторно подоцна во вечерва или утре наутро за да се увери дека се „на иста страна“. Тој планира подоцна да разговара со лидер на друг сојузник чие име не го откри. Бајден рече дека тој и неговиот тим ќе продолжат со проценка на последиците од инцидентот.
„Сè уште е рано да се дојде до дефинитивен заклучок за тоа каде оди ова“, додаде Бајден и рече дека неговата порака до сојузниците е „важно е да останеме целосно координирани“.