САД синоќа извршија нови воздушни напади врз цели во Иран, соопшти американската војска, откако претседателот Доналд Трамп најави одмазда поради, како што рече, иранските напади врз американски војници на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, американски пловечки танкер за складирање нафта бил погоден од дрон во египетско пристаниште на Средоземното Море, според британската компанија за поморска безбедност „Амбри“. Египетското Министерство за нафта потврди дека избувнал пожар во пристаништето, но не спомена напад со беспилотно летало. Засега не е познато кој стои зад нападот врз танкерот.
Инцидентот се случи кратко откако Иран изврши ракетен напад врз американските сили во Јордан, а САД и Саудиска Арабија нападнаа позиции на паравоени групи во Ирак кои имаат поддршка од Техеран. Претходно, американските и саудиските сили изведоа напади врз проирански групи во источен Ирак, додека Техеран соопшти дека испукал балистички ракети кон воздухопловната база „Мувафак Салти“ во Јордан, која претставува клучен американски воен центар во регионот. Според претседателот Трамп, сите ракети биле успешно пресретнати.
Најновите случувања укажуваат дека конфликтот меѓу САД и Иран влегува во нова, поопасна фаза. Дополнителна загриженост предизвикува и јавното приклучување на Саудиска Арабија кон воените операции против групите поддржани од Иран, додека дипломатските напори за смирување на кризата повторно се во застој поради длабоката недоверба меѓу двете страни.
Иако во изминатите денови ситуацијата беше релативно мирна, во последните 24 часа и Вашингтон и Техеран спроведоа нови воени акции, со што повторно се зголеми ризикот од поширок регионален конфликт. Американската војска соопшти дека нападите претставуваат „силен одговор на вчерашните обиди на Иран да ги нападне американските сили стационирани на Блискиот Исток“, но не откри кои цели биле погодени.
Во исто време, претседателот Доналд Трамп повторно го предупреди Иран со нови закани, иако изјави дека можноста за продолжување на дипломатските разговори останува отворена. Сепак, заменик-министерот за надворешни работи на Иран изјави дека Техеран повеќе од две недели нема побарано обновување на преговорите со САД.
Воената ескалација дополнително се усложни со првите јавно потврдени заеднички американско-саудиски напади, кои уследија по нападите со дронови врз Саудиска Арабија. Според американски претставник, кој зборуваше под услов да остане анонимен, нападите врз кралството и заедничката операција не биле директно поврзани. Со најновите случувања, конфликтот продолжува да се шири и да ги зафаќа речиси сите држави во регионот, додека изгледите за дипломатско решение остануваат неизвесни.



