САД ТВРДАТ ДЕКА РУСИЈА ИМА 190.000 ВОЈНИЦИ БЛИЗУ УКРАИНА, ПУТИН НАЈАВИ ГОЛЕМИ НУКЛЕАРНИ ВЕЖБИ

    САД ТВРДАТ ДЕКА РУСИЈА ИМА 190.000 ВОЈНИЦИ БЛИЗУ УКРАИНА, ПУТИН НАЈАВИ ГОЛЕМИ НУКЛЕАРНИ ВЕЖБИНајавените вежби ќе бидат надгледувани од Путин (Фото: АП)

    Русија најави дека ќе одржи огромни нуклеарни воени вежби, додека западните лидери продолжуваат со напорите да се избегне војна во Украина, што САД предупредуваат дека може да почне кој било ден. Вашингтон тврди дека Русија распоредила до 190.000 војници близу границата и дека не покажува никакви знаци на деескалација, иако во изминатите денови наводно ги повлекуваше своите трупи.

    „Русија би можела да лансира напад во секое време. Не сме виделе никакви знаци на повлекување. Напротив, гледаме трупи кои се движат кон регионот“, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

    Кремљ најави големи воени вежби за овој викенд, кои ќе вклучат балистички и крстосувачки ракети, а ќе учествуваат и руските нуклеарни сили. Вежбите, за кои се вели дека претходно биле планирани, ќе бидат надгледувани од Владимир Путин.

    Во исто време, проруските бунтовници и украинските владини сили тврдат дека во источна Украина веќе втор ден има интензивни гранатирања, опишани како најсилни откако во 2015 беше потпишано примирје.

    САД вчера кажаа дека Русија би можела да измисли повод за да ја нападне Украина во следните денови, при што наведе неколку можни сценарија, како терористички напад во Русија, напад со хемиско оружје или наместен напад со дрон.

    Украина, пак, и натаму не гледа назнаки дека Русија би можела да изврши инвазија во секој момент.

    „Не ја потценуваме заканата, но сметаме дека има релативно мали шанси дека Русија ќе почне широка инвазија на Украина“, изјави министерот за одбрана Олексеј Резников.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира