Унгарците утре излегуваат на парламентарни избори, на коишто се очекува десничарскиот премиер Виктор Орбан да го обезбеди третиот едноподруго, а вкупно четврти мандат, зацврстувајќи ја својата позиција, на којашто се наоѓа од 2010 година.
Речиси сите анкети најавуваат убедлива победа на неговата партија Алијанса на млади демократи (Фидес) и останува само да се види дали таа ќе избори супермнозинство, како што посакува.
„Тие сакаат да ни ја земат земјата. Опозициските партии во служба на странски интереси сакаат да дојдат на власт. Тие сакаат да ја урнат оградата и да ги задоволат барањата на Брисел, кој сака да ја претвори Унгарија во земја на имигранти. Само Фидес може да ја заштити Унгарија од Брисел, Обединетите нации и од Џорџ Сорос“, порача Орбан на еден од последните предизборни митинзи.
Антибриселска реторика, ксенофобија и демонизација на американско-унгарскиот милијардер Џорџ Сорос е токму она врз што Орбан, самопрогласен заштитник на христијанска Европа, ја темелеше својата кампања. На илјадници билборди и плакати, неговата кампања искористи фотографија со долга редица мигранти, проследена со само еден збор: СТОП!
„Постојат две иднини: онаа што ја нудат кандидатите на Сорос и другата што ја нуди Фидес. Масовна миграција доаѓа со зголемена опасност од тероризам“, кажа Орбан.
Водејќи политика која е мешавина од благ евроскептицизам, популизам и од национален конзервативизам, при што се промовираат христијански и семејни вредности, се очекува и по овие избори во Унгарија да продолжи развивањето на она што Орбан го нарекува „илиберална демократија“. Голем адут на Орбан е силната економија и Светската банка и за оваа година предвидува раст на бруто домашниот производ за 3,9%.
Најголемиот страв што го имаат противниците на Орбан е дека неговата победа нема да биде само нивни пораз, туку и крај за демократијата во Унгарија.