Поранешниот шеф на италијанската полиција, Џани Де Џенаро, кој беше под истрага поради наводни обиди за попречување на нова истрага за убиството на истакнат антимафијашки судија во 1992 година, се самоубил, изјави денеска официјално лице запознаено со случајот. Де Џенаро (78) ја извршуваше функцијата шеф на националната полиција од 2000 до 2007 година. Како еден од највлијателните безбедносни функционери во Италија, тој одигра клучна улога во борбата против организираниот криминал, особено во кампањата против сицилијанската мафија „Коза ностра“ во текот на 1980-тите и 1990-тите години.
Пред помалку од една недела, обвинителите во Калтанисета, на Сицилија, го вклучија во истрага за наводни обиди за попречување на истрагите поврзани со бомбашки напад врз автомобил во Палермо во 1992 година, во кој загинаа антимафијашкиот судија Паоло Борселино и петмина полицајци од неговото обезбедување.
Судија го одби барањето на обвинителите тој да биде ставен во домашен притвор, но тие поднесоа жалба, а одлука се очекуваше во наредните недели.
Веста за истрагата ги шокираше многумина во Италија, вклучително и самиот Де Џенаро, според луѓе блиски до него. Тој ги негираше обвинувањата за сторени неправилности.
„Беше длабоко потресен“, изјави за весникот „Република“ неговиот адвокат Франческо Берторота, кој разговарал со него во текот на неделата. „Ми звучеше вознемирено, бидејќи мораше да се брани од обвинувања што ги сметаше за неправедни и клеветнички.“
Според извештаите на италијанските медиуми, Де Џенаро бил пронајден мртов во неговата куќа во Тоскана, откако роднините алармирале бидејќи не можеле да стапат во контакт со него.
Начинот на кој се водеше истрагата за атентатот врз Борселино останува едно од најконтроверзните поглавја во поновата италијанска историја. Помалку од два месеца пред тоа убиство, во бомбашки напад организиран од мафијата загина антимафијашкиот судија Џовани Фалконе, близок соработник на Де Џенаро. Полицијата идентификуваше осомничени лица за кои подоцна се утврди дека се невини. Во подоцнежните истраги се испитуваа наводите дека за време на постапката биле изнудени лажни признанија. Причините за тие случувања остануваат предмет на спор, а напорите за утврдување на сите околности и за идентификување на оние што ја довеле истрагата во заблуда, сè уште траат.
Семејството Борселино во повеќе наврати побара расчистување на работите, а веста за смртта на Де Џенаро ја прими со голема вознемиреност.
„Можеби (со него) си замина уште едно делче од вистината“, изјави Манфреди Борселино, синот на судијата.



