Ситуацијата на Халкидики се подобри по големиот шумски пожар во Сивири, каде што огнот се прошири од земјоделско и шумско земјиште во станбена област. Локалните жители пријавија штети на домови и возила, откако силните ветрови го разгоруваа пламенот, а густиот чад се ширеше низ полуостровот.
Властите извршија евакуација од плажата во Сивири преку море, користејќи брод на крајбрежната стража, девет приватни чамци и патнички глисер. Беа евакуирани повеќе од 300 луѓе. Претходно беше евакуиран и хотел во соседната Фурка, вклучувајќи група деца од Украина.
- ПОРАДИ ПОЖАР НА ХАЛКИДИКИ, СО ЧАМЦИ ЕВАКУИРАНИ ТУРИСТИ И ЛОКАЛНИ ЖИТЕЛИ ОД ПЛАЖИТЕ ВО СИВИРИ И ФУРКА
Во операцијата на гаснењето учествуваа 155 пожарникари и беа распоредени девет авиони и седум хеликоптери. Двајца пожарникари се повредени и однесени во болница.
Грчката јавна телевизија „ЕРТ“ објави дека пожарот можеби започнал откако силни ветрови собориле електричен столб, предизвикувајќи искра. Властите не ја потврдија причината. Пожарот избувнал во време кога Халкидики се соочува со зголемен ризик од пожари.
И хрватските пожарникари се борат со големи пожари на јадранскиот брег. Најтешка беше ситуацијата околу градот Омиш, каде што пожарот се доближил до центарот на градот. Во болница се примени 14 луѓе, од кои седум се во тешка состојба. Повеќето од хоспитализираните имаат изгореници.
Пожарот избувнал во местото Локва Рогозница, по што во текот на ноќта се прошири кон Омиш и го зафати подрачјето до самиот град. Изгорени се бројни објекти и автомобили, а дел од жителите и туристите се евакуирани.


