Производителот на челик „АрцелорМитал“ соопшти дека го запира производството во најголемата украинска челичарница, со што се истакнуваат сè поголемите економски последици од руските воздушни напади, во кои вчера во Киев загинаа седум лица – меѓу кои и 14-годишно момче – а 58 беа повредени. Од „АрцелорМитал“ изјавија дека ја известиле украинската влада оти безбедно и одржливо работење не е можно, откако четири напади во рок од пет недели предизвикале големи штети и смрт на пет работници во фабриката лоцирана на југоистокот на земјата.
Ова запирање на работата претставува уште еден удар за некогаш моќниот украински сектор за производство на челик, кој претходно учествуваше со 15% во извозот на земјата, но сега е под притисок поради руските напади и ограничувањата од ЕУ, нејзиниот главен трговски партнер.
Во последните месеци, Русија ги интензивираше воздушните напади низ Украина, користејќи балистички ракети и беспилотни летала на млазен погон, кои погодија деловни објекти, логистички мрежи, пристанишни капацитети на Црното Море и цивилна инфраструктура. Економското влијание на нападите ги намалува даночните приходи и создава сè поголем буџетски дефицит за владата додека таа се обидува да ја финансира војната, велат официјални лица.
„Русите постојано ја прошируваат својата операција за ескалација“, изјави претседателот Володимир Зеленски, истакнувајќи дека вчера бил погоден и магацин за храна што го користел „Мекдоналдс“. „Важно е светот да реагира на сето ова и Русија да го почувствува одговорот на својот терор“, рече тој.
Украина исто така ги засили нападите врз Русија, таргетирајќи одбранбени и енергетски капацитети, како и онлајн трговци, во обид да ги поткопа приходите и поддршката за воените напори на Москва.
Рускиот претседател Владимир Путин, говорејќи во Санкт Петербург, изјави дека украинските сили поттикнале напади „на секој фронт“ и дека треба да ги почувствуваат последиците од одмаздничките напади. Тој рече дека предлозите за нови мировни преговори и прекин на огнот сè уште се на маса, но дека Москва мора „внимателно да размисли“ како да одговори.



