ШЕФОТ НА ГРЧКАТА РАЗУЗНАВАЧКА СЛУЖБА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПОРАДИ ПРИСЛУШУВАЊЕ НА НОВИНАР И НА ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИОНАТА ПАСОК

    ШЕФОТ НА ГРЧКАТА РАЗУЗНАВАЧКА СЛУЖБА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПОРАДИ ПРИСЛУШУВАЊЕ НА НОВИНАР И НА ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИОНАТА ПАСОКСедиштето на грчката Национална разузнавачка служба во Атина. (Фото: Катимерини)

    Шефот на грчката Национална разузнавачка служба вчера поднесе оставка, наведувајќи ги „превидите во процесот на законски инспекции“ како причина во неговото писмо со оставка до премиерот Киријакос Мицотакис. Панајотис Контолеон ја поднесе оставката „по погрешни дејствија откриени во текот на законите процедури за прислушување“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот. Според грчкиот закон, обвинителот треба да потпише каков било надзор.

    Контолеон, кој беше назначен на оваа функција во август 2019, ќе биде заменет од генералниот секретар на Министерството за надворешни работи Темистоклис Демирис. Се очекува Демирис да ја информира парламентарната комисија за етика и транспарентност за овие случувања по летниот одмор.

    Претходно неделава, двајца пратеници кои зборуваа за Ројтерс под услов да останат анонимни, изјавија дека Контолеон за време на парламентарната комисија на 29 јули признал дека неговата служба го шпионирала Танасис Кукакис, финансиски новинар кој работи за Си-Ен-Ен Грција. Таа затворена седница беше свикана откако лидерот на социјалистичката опозициска партија ПАСОК, Никос Андрулакис, поднесе жалба до највисоките судски обвинители поради обид за прислушување на неговиот мобилен телефон со шпионски софтвер „Предатор“. Андрулакис, кој исто така е член на Европскиот парламент, рече дека дознал за обидот откако бил информиран од службата за сајбер безбедност на Европскиот парламент неколку дена пред да ја поднесе својата жалба на 26 јули.

    Оставката на Контолеон дојде откако откако се повлече и Григорис Димитријадис, близок помошник на Мицотакис. Димитријадис беше генерален секретар на кабинетот на премиерот. Националната разузнавачка служба поднесува извештаи во кабинетот на премиерот. Според соопштението, тој поднел оставка поради „токсичната клима создадена за неговата личност“.

    На местото на Димитријадис ќе дојде Јоанис Братакос, досегашен претседател на Атинската трговска и индустриска комора.

    Владини извори, исто така, ги отфрлија шпекулациите дека неговата оставка можеби е поврзана со неодамнешните откритија за обид за инсталирање шпионски софтвер на телефонот на Андрулакис пред тој да стане на чело на ПАСОК и да биде член на Европскиот парламент.

    „Ниту тој, ниту владата немаат никаква вмешаност во ова прашање“, рекоа владини извори.

    Владата вели дека властите не го користат шпионскиот софтвер наводно употребен во хакирањето на Кукакис и не соработуваат со компаниите што го продаваат. Во април, Кукакис рече дека бил известен од групата за дигитални права Citizen Lab дека неговиот телефон бил мета на надзор од софтверот „Предатор“ од јули до септември 2021. Комитетот за заштита на новинарите повика на „брза и темелна истрага… за да се утврди кој го организирал тој мониторинг и да се бара од нив одговорност“. Обвинителот започна истрага по ова тврдење.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира