Грција е загрижена дека со заминувањето од власт на Никола Груевски останува без аргументи да ги блокира евротлантските интеграции на Македонија, вели весникот „Катимерини“ во анализата, насловена „Софија, Скопје и името“. Според „Катимерини“, се очекува по локалните избори во Македонија во октомври да дојде до придвижување на процесот за решавање на проблемот со името, но овојпат Грција не може да се повика на иредентистичката политика на Груевски, а и неговиот наследник Зоран Заев, како што пишува весникот, сигурно нема да дозволи неговите министри да се сликаат со знамиња на Олимп како што тоа го направи Антонијо Милошоски.
„До почетокот на летото моравме да се бориме со Груевски и неговиот националистички занес. Тој нѐ радуваше и ни даде со неговата политика на иредентизам аргументи да ја блокираме евроатлантската перспектива на земјата, без разлика на тоа што тој го искористи тоа за да шири антигрчки отров во домашната јавност. Па, што ќе правиме без неговото плашило? Заев, без целосно да ја отфрли политиката на неговиот претходник, нема да нѐ удостои со нови статуи и нема да ги толерира неговите највисоки функционери да мавтаат со знамиња на врвот на Олимп, како што беше случајот со поранешниот министер за надворешни работи Милошоски“, коментира „Катимерини“.
Дополнително, се вели во анализата, новата влада ја придобила Бугарија како сојузник по однос на прашањето за името и сега Грција против себе има заеднички фронт на Скопје и Софија.
„Не само тоа, туку оваа влада, барем така изгледа, ги затвори старите нерешени прашања со Бугарија. Првиот гест за Грција, од приближувањето на Софија и Скопје, веќе се случи. Веднаш по потпишувањето на договорот за добрососедство, бугарската министерка за надворешни работи Захариева кажа дека Софија нема да се согласи на име со географска дефиниција како Северна или Горна Македонија, бидејќи тоа може да ги подгрее аспирациите за Пиринска Македонија, дел од старата Македонија што ѝ беше даден на Бугарија. Со оглед на тоа што Скопје веќе ја отфрли географската формула, сега доби и сојузник во лицето на Бугарија, која што досега беше сојузник на Грција. Така, се формира неформален фронт на Софија и Скопје против црвената линија на Атина за сложено име со географска одредница за сите (ерга омнес). Ако на тоа се додаде противењето на коалициониот партнер Каменос на име што ќе содржи Македонија, тогаш работата се компликува во однос на тоа што сакаме ние“, завршува анализата на грчкиот весник.