Барателот на азил од Сирија кој вчера уби 14-годишник во нападот со нож во австрискиот град Филах бил запрен од друг Сириец, кој удрил во него со своето возило за достава. Во нападот се ранети уште пет лица, некои посериозно.
Напаѓачот е идентификуван како 23-годишниот Ахмад Г. и австриските медиуми велат дека тој имал терористички мотиви и сакал да убие што повеќе луѓе.
Извори од Сојузната канцеларија за заштита на уставот кажаа дека Ахмад се радикализирал преку ТикТок, каде што следел неколкумина исламистички проповедници, исто како Беран А., австриско-македонскиот државјанин кој лани сакал да изврши терористички напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена. Во станот на Ахмад во Филах било пронајдено знаме на Исламска држава.
Сепак, тој не бил заведен од властите како закана. Моментално, 150 луѓе во Австрија се означени како такви од Сојузната канцеларија за заштита на уставот.
Ахмад бодел минувачи на централниот плоштад во Филах, пред да биде запрен од негов сонародник, кој удрил во него со автомобил за достава на храна. Напаѓачот потоа бил приведен, иако, според истражителите, неговиот план бил да биде застрелан од полицијата.