СИРИСКАТА ВОЈСКА ЌЕ ИМ ПОМОГНЕ НА КУРДИТЕ ДА ЈА ЗАПРАТ ТУРСКАТА ОФАНЗИВА

    СИРИСКАТА ВОЈСКА ЌЕ ИМ ПОМОГНЕ НА КУРДИТЕ ДА ЈА ЗАПРАТ ТУРСКАТА ОФАНЗИВААнкара објави дека досега освоила 21 село во Сирија и под опсада држи два клучни погранични града (Фото: АП)

    Курдските борци постигнале договор со владата во Дамаск, која се согласила да испрати војска на северната граница на Сирија, со цел да се запре турската офанзива. Во договорот во кој посредувала Русија, Курдите кои го контролираат тој регион притоа се согласиле да ги предадат пограничните градови Кобане и Манбиџ.

    Сириските државни медиуми објавија дека армијата на претседателот Башар ал-Асад тргнала кон север „за да се спротивстави на турската агресија врз сириска територија“. Договорот на Курдите со Дамаск наводно ќе биде проширен на целата североисточна Сирија и ќе значи крај на нивната петгодишна полуавтономија во овој регион.

    Турција ја почна својата офанзива во средата, само ден откако Доналд Трамп најави дека ќе ги повлече американските сили од таа област. Министерот за одбрана на САД Марк Еспер изјави дека преостанатите 1.000 војници што се во Сирија добиле наредба да се повлечат што е можно побрзо, па со договорот со Дамаск, Курдите неочекувано добиваат нов сојузник. Засега е непознато на што сѐ се обврзала сириската влада.

    „Ќе има болни компромиси. Не веруваме во ветувања. Да бидам искрени, тешко е да се знае на кого да веруваме“, изјави шефот на Сириските демократски сили Мазлум Абди.

    Претседателот на Турција Ердоган изјави дека неговите сили досега освоиле територија од 109 квадратни километри, вклучувајќи 21 село, а под опсада ги држат и клучните погранични градови Рас ал-Аин и Тал Абјад. Според независни извори, во досегашните борби загинале над 150 курдски цивили и борци, како и 18 цивили во јужна Турција и четворица турски војници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира