Најмалку десет луѓе загинаа во силното снежно невреме во Украина, објави министерот за внатрешни работи Игор Клименко, а три смртни случаи пријави и Молдавија. Најтешко погодена е јужна Украина, особено регионот Одеса, каде што биле евакуирани речиси 2.500 луѓе.
„Како резултат на влошените временски услови починаа десет луѓе во регионите Одеса, Харкив, Миколаив и Киев. Повеќе од 20 луѓе се повредени“, изјави Клименко.
Силното невреме проследено со снег и ледени ветрови остави без струја стотици населени места и блокираше бројни автомобили, камиони и автобуси на патиштата.
„На некои места има и два метра снег“, кажа Клименко.
Во Молдавија, две лица се смрзнале до смрт во автомобил во источниот дел на земјата, а уште едно лице почина близу главниот град Кишињев.
Невремето предизвика големи штети и на окупираниот полуостров Крим, како и во јужните руски региони Краснодар, Ростов и Дагестан.