СО АНЕКСИИТЕ ВО ИСТОЧНА И ЈУЖНА УКРАИНА ПУТИН ВЕЛИ ДЕКА САКА ДА ГИ ИСПРАВИ ГРЕШКИТЕ НА ЛЕНИН И ХРУШЧОВ

    СО АНЕКСИИТЕ ВО ИСТОЧНА И ЈУЖНА УКРАИНА ПУТИН ВЕЛИ ДЕКА САКА ДА ГИ ИСПРАВИ ГРЕШКИТЕ НА ЛЕНИН И ХРУШЧОВГласањето ќе заврши во вторник, а исходот е извесен (Фото: ЕПА)

    Во окупираните региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје од утрово се гласа на референдуми кои треба да резултираат со отцепување на големо парче Украина. По седум месеци војна, Владимир Путин навести дека ќе ги анектира овие региони, ако жителите се изјаснат за тоа.

    Гласањето ќе заврши во вторник и резултатите се очекуваат набргу потоа. Исходот е извесен, како што беше и на Крим во март 2014, кога 97% гласачи наводно се изјасниле за анексија.

    „Сите ние осум години чекавме референдум за приклучување кон Русија. Ние веќе станавме дел од Русија. Останува уште една мала работа – да ја добиеме војната“, изјави лидерот на Народната Република Луганск, Леонид Пасечник.

    „Се враќаме дома. Донбас е Русија“, кажа сепаратистичкиот лидер на Доњецк, Денис Пушилин.

    Иако Русија ги призна постсоветските граници на Украина со Будимпештанскиот меморандум од 1994 година, Путин смета дека големи делови на источна и јужна Украина се руска сопственост кои биле изгубени поради грешките на бившите советски лидери Владимир Ленин и Никита Хрушчов.

    Путин оваа недела изјави дека никогаш нема да ги напушти луѓето од регионите што се под руска контрола и дека сака да ги отцепи од Киев, зашто инаку ќе бидат погубени. Тој ја почна војната под изговор дека сака да ги спаси руските говорници во источна Украина од прогон.

    Нејасно е како ќе функционира гласањето во воената зона, во услови кога голем број луѓе е раселен. Русија контролира најголем дел од Луганск и Херсон, но само 66% од Запорожје и 60% од Доњецк и борбите продолжуваат во сите региони. Сепаратистичките лидери кажаа дека анексијата ќе се однесува на целите региони, а не само на моментално окупираните територии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира