Раниот летен топлотен бран во Европа е можеби одговорен за стотици прекумерни смртни случаи, кажа Светската здравствена организација (СЗО). Вчера беа измерени нови температурни рекорди во Германија, Полска и Чешка, додека екстремната жештина се сели кон истокот.
„Од 21 јуни се регистрирани повеќе од 1.300 смртни случаи поврзани со високите температури во Европа. Топлинскиот стрес често се нарекува ‘тивок убиец‘, а европските домови, работни места и училишта не се изградени за овие температури“, кажа шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Француското министерство за здравство вчера наутро соопшти дека од средата, во земјата имало околу 1.000 смртни случаи повеќе од очекуваните. Многу од нив се лица на возраст над 65 години, откако било евидентирано зголемување од 40% на бројот на луѓе кои умираат дома.
„Европа е континентот што најбрзо се затоплува, двојно повеќе од глобалниот просек. Милиони луѓе низ целиот континент моментално живеат под екстремна топлина, стотици починаа, училиштата се затворени, а мрежите се распаѓаат“, рече шефот на СЗО.
Вчера во Германија беа измерени рекордни 41,7 Целзиусови степени, во Косхен близу полската граница, во Чешка 41,1 степен, а во Полска 40,5 степени.



