Доналд Трамп уште еднаш се премисли и го продолжи примирјето со Иран на неодредено време, иако 24 часа порано кажа дека нема да го направи тоа. Засега нема реакција од Иран и Израел дали ќе го прифатат продолжувањето.
Во објава на неговата социјална мрежа, Трамп напиша дека на барање на посредникот Пакистан се согласил да го одложи нападот врз Иран сè додека неговите лидери и претставници не излезат со унифициран предлог и не завршат разговорите.
Пакистан најавуваше дека денеска ќе се одржи втората рунда разговори помеѓу САД и Иран, но Техеран не потврди дека ќе испрати претставници, па и американската делегација остана во Вашингтон.
И покрај едностраното продолжување на прекинот на огнот, Трамп кажа дека ќе продолжи американската блокада на иранските пристаништа.
Новинската агенција „Тасним“, поврзана со Исламската револуционерна гарда, соопшти дека Иран не побарал продолжување на прекинот на огнот и повторил закани дека ќе ја прекине блокадата на САД со сила. Советник на водечкиот преговарач на Иран, претседателот на парламентот Мохамед Багер Калибаф, рече дека објавата на Трамп има мала тежина и може да биде трик.
Трамп се огласи додека стануваше сѐ појасно дека мировните разговори во Исламабад се пред пропаст, неколку часа пред истекот на првичното двонеделно примирје. Непосредно пред тоа, висок ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека иранските преговарачи биле подготвени да присуствуваат на уште една рунда разговори доколку САД се откажат од политиката на притисок и закани и ги отфрлат преговорите насочени кон предавање.
„Блокадата е огромен успех. Нејзиното укинување ќе ги поткопа сите шанси за мировен договор, освен ако не го дигнеме во воздух остатокот од Иран, сосе неговите лидери“, кажа Трамп неколку часа по продолжувањето на прекинот на огнот,
Првата рунда мировни разговори се одржа пред десет дена и не заврши со склучување договор.



