Доналд Трамп го спомнал името на Џо Бајден речиси 900 пати оваа година, покажува анализа на „Ројтерс“, со што неговиот претходник е во центарот на дебатата, додека републиканците се борат да ја задржат контролата во Конгресот на меѓуизборите во ноември.
Бајден бил цел на Трамп во просек трипати на ден преку говори, коментари и објави на Трут соушл, обвинувајќи го за проблеми кои се движат од инфлација и имиграција до недостиг на муниција, дури и кога поранешниот претседател во голема мера се повлече од јавниот живот.
„Демократите ви донесоа четири години катастрофа, хаос и смрт под поспаниот Џо Бајден“, им рече Трамп на верните членови на партијата на републиканската конвенција во Далас на 9 септември.
„На Доналд Трамп секогаш му треба некоја мета и подобро е тоа да е една личност отколку партија. Тоа го прави за да ги одврати сите проблеми со кои се соочува во моментот“, рече републиканскиот стратег Рајан Вилијамс.
Од 1 јануари, Трамп го спомнал Бајден по име најмалку 890 пати, опфаќајќи речиси 200 настани и интервјуа и околу 190 објави на Трут соушл оваа година, открива прегледот на „Ројтерс“. Тој го поврзал Бајден најмалку 210 пати со економијата, 168 пати со имиграцијата и 138 пати со прашања поврзани со надворешната политика и националната безбедност, а истовремено го обвини за низа други домашни прашања.
Го критикуваше Бајден на различни настани, како што се премиерата на филмот за Меланија Трамп и Националниот молитвен појадок. На самитот на НАТО во јули во Турција, Трамп постави рекорд, кога го спомна Бајден 16 пати во еден ден. Тој го обвини Бајден и за недостигот на муниција и за растот на трошоците за домување.
„Џо Бајден е најлошиот претседател во американската историја, а претседателот Трамп секој ден го чисти неговиот неред и ги прави САД посилни од кога било“, рече Оливија Велс, портпаролка на Белата куќа.



