ТРАМП ОБЈАВИ ТРИДНЕВНО ПРИМИРЈЕ МЕЃУ РУСИЈА И УКРАИНА И РАЗМЕНА НА ПО 1.000 ЗАРОБЕНИЦИ

    ТРАМП ОБЈАВИ ТРИДНЕВНО ПРИМИРЈЕ МЕЃУ РУСИЈА И УКРАИНА И РАЗМЕНА НА ПО 1.000 ЗАРОБЕНИЦИ

    Американскиот претседател Доналд Трамп објави тридневен прекин на огнот во војната меѓу Русија и Украина, кој ќе трае од 9 до 11 мај. Според неговата објава на социјалните мрежи, примирјето вклучува целосна суспензија на сите борбени дејствија и размена на по 1.000 заробеници од двете страни, што веќе е официјално потврдено од Киев и од Москва. Трамп вели дека ова е надеж за почеток на крајот на долгата и смртоносна војна и додаде дека има постојан напредок во преговорите за завршување на конфликтот.

    Русија претходно најави сопствен дводневен едностран прекин на огнот за да го одбележи 9 мај, Денот на победата. Украина тогаш тврдеше дека и тие понудиле примирје во текот на неделата, но дека Москва го игнорирала тој предлог. Сега, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди размената на заробеници и прифаќањето на тридневниот прекин на огнот. Тој вели дека за Украина е клучно решавањето на хуманитарните прашања и враќањето на војниците дома, посочувајќи дека нивните животи се поважни од случувањата на Црвениот плоштад.

    Зеленски изрази благодарност до американскиот претседател и неговиот тим за дипломатскиот ангажман и додаде дека очекува САД да гарантираат оти руската страна ќе ги исполни преземените обврски. Украина претходно одбиваше да ги запре нападите за време на руските празници, обвинувајќи го Путин дека бара пауза во борбите само за да може непречено да ја организира годишната воена парада во Москва. Зеленски го опиша овој потег како тест за тоа дали Кремљ е навистина сериозен во намерата да обезбеди привремен мир во четиригодишната војна.

    Кремљ го потврди договорот преку својот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков. Тој изјави дека иницијативата на Трамп за прекин на огнот и размена на воени заробеници е целосно прифатлива за руската страна. Пред овој договор, Русија се закануваше со масовни напади врз центарот на Киев доколку Украина се обиде да ја попречи парадата за Денот на победата. Двете држави во изминатиот период честопати се обвинуваа меѓусебно за кршење на претходните прекини на огнот кои беа прогласувани еднострано.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира