Републиканскиот кандидат за претседател на САД Доналд Трамп одби да се обврзе дека ќе ги признае изборните резултати ако загуби на изборите, во последната ТВ дебата против Хилари Клинтон.
„Ќе ви кажам кога ќе дојде време“, му рече тој на модераторот Крис Валас. Со денови, Трамп тврди дека избрите се „лажирани“.
Дебатата во Лас Вегас го продолжи горкиот тон на кампањата, при што Трамп ја нарече Клинтон „лоша жена“.
Анкетите покажуваат дека Трамп ги губи клучните држави по низата обвинувања за сексуална злоупотреба. Конечната дебата беше на 3 недели пред денот на изборите, 8 ноември. Според анкетите на водечките медиуми во САД, Клинтон победила во оваа финална дебата.
Кандидатите одбија да се ракуваат пред и по политичкиот судир, и така го поставија тонот на дебатата што се претвори во уште една рунда викање и прекинување во збор. Трамп се обрати на републиканскиот естаблишмент со ветување дека ќе именува врховни судии со конзервативна провиниенција кои ќе ги укинат клучните закони кои овозможија абортусот да биде легален, и ќе ги заштитат правата за поседување оружје. Исто така ја потврди намерата да ги депортира сите недокументирани имигранти и да ги осигура границите на САД.
Клинтон рече дека цврсто останува на ставот да ги одбрани ЛГБТ заедницата и правата на абортус, и да се фокусира на обновување на средната класа и на еднакви плати за жените.
„Владата нема што да се меша во одлуките што ги носат жените“, рече таа.
Трамп двапати одби да каже дали ќе го прифати исходот на изборите, со што ја прекрши долгата традиција во земјата според која кандидатот кој загубил го признава поразот откако се изброени гласовите.
„Ова е ужасно. Тој ја негира и ја урива нашата демократија. И јас сум вџашена дека некој кој е кандидат на една од двете најголеми партии би можел да има таков став“, рече Клинтон.
Трамп за ова беше остро критикван и од републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој рече дека „кандидатот им прави огромна штета на партијата и на земјата со тоа што продолжува да сугерира дека исходот од изборите му е вон контрола и дека е ’лажиран’ против него“.
Аналитичари и од демократите и од републиканците се согласија дека Трамп „досега нѐ навредуваше нас, а сега ја навреди и нашата демократија“.
„Трамп со оваа дебата си легна во ковчег со клинец и чекан и си ги заби во себе“, рече една поранешна советничка на републиканскиот сенатрор Џон Мекејн.