Доналд Трамп конечно ја прифати реалноста среде сѐ почестите повици за негово предвремено отстранување од Белата куќа и кажа дека е посветен на законска транзиција на власта на 20 јануари. Тој се огласи на Твитер откако му истече 12-часовната суспензија и неговите забелешки многумина ги сфаќаат како прво јавно признавање на изборниот пораз.
Неколку часа по неговото обраќање беше објавено дека еден полицаец починал од повредите здобиени во завчерашните нереди во Вашингтон. Во упадот во зградата на Конгресот загинаа и четворица демонстранти.
„Сега кога Конгресот ги потврди изборните резултати, нова администрација ќе биде инаугурирана на 20 јануари. Мојот фокус сега е свртен кон мирна и законска транзиција на власта. Сега е време за зацелување и помирување“, напиша Трамп на Твитер.
Тој додаде дека веднаш ја распоредил Националната гарда за да ги избрка натрапниците од Капитол, иако некои американски медиуми објавија дека потпретседателот Пенс ја издал оваа наредба.
Трамп ги пофали своите „прекрасни приврзаници“ и повика на крај на насилствата.
„Згрозен сум од насилството, беззаконието и уништувањето видени во средата“, додаде Трамп.
Трамп во меѓувреме го напуштаат сѐ повеќе соработници, а последните кои поднесоа оставка се министрите за образование и транспорт.