Кандидатите на американскиот претседател Доналд Трамп за нови амбасадори во Србија и во Босна и Херцеговина, Мајкл Јанг и Роналд Џонсон, на сослушувањето пред Одборот за надворешни работи на Сенатот на САД минатата недела изјавија дека нивни приоритети ќе бидат зајакнувањето на економските врски, зачувувањето на стабилноста во регионот и сузбивањето на влијанијата на Русија и Кина на Западниот Балкан.
Поранешниот претседател на Универзитетот во Јута, Мајкл Јанг, кој е номиниран за амбасадор во Белград, пред сенаторите кажа дека постои голем потенцијал за американските компании во Србија и оти подлабоките економски релации се во заеднички интерес на двете земји. Јанг, чија кариера опфаќа раководење со повеќе универзитети, дипломатска служба во администрацијата на Џорџ Х.В. Буш, улога во преговорите за обединување на Германија и раководење со Комисијата за меѓународна верска слобода, доаѓа на позиција во земја што Стејт департментот ја дефинира како клучен фактор на крстосницата меѓу Источна и Западна Европа.
Претседавачот на сенатскиот одбор, републиканецот Џим Риш, рече дека Русија и Кина имаат свои позиции во Србија, особено во енергетскиот и технолошкиот сектор, додавајќи дека Белград не може да ги унапреди односите со САД доколку продолжи да соработува со нивните противници.
Одговарајќи на прашање од сенаторката Џин Шахин за начините како Србија да се приближи кон Западот, Јанг објасни дека е потребно да се помогне во намалувањето на српската енергетска зависност од Русија, да се создадат услови за фер конкуренција на американските компании и да се продлабочат разговорите за воена соработка. Тој додаде дека е свесен и за загриженоста на САД поради растечката трговија меѓу Србија и Кина, особено поради српските резерви на литиум кои се меѓу најголемите во Европа.
Истовремено, кандидатот за амбасадор во Босна и Херцеговина, Роналд Џонсон, пред сенатскиот одбор кажа дека ќе работи на заштита на американските граѓани и интереси, потврдувајќи ја американската посветеност на суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот воспоставен со Дејтонскиот мировен договор. Џонсон потсети дека со овој договор пред три децении заврши конфликтот во срцето на Европа и беа поставени основите за долгогодишна стабилност.
Зборувајќи за регионалната безбедност, тој изјави дека стабилна и просперитетна Босна и Херцеговина е во интерес и на САД и на локалните граѓани, најавувајќи заеднички ангажман со партнерите за ограничување на просторот за малигното влијание на Русија и Кина.
Србија е без американски амбасадор од јануари 2025, кога од функцијата си замина Кристофер Хил, а во БиХ од февруари 2025 година, кога си замина Мајкл Марфи.
И во Македонија амбасадорското место е испразнето од декември 2025 година, кога си замина Анџела Агелер.



