ТРАМП ПРЕДЛОЖИ КОРОНАВИРУСОТ ДА СЕ ЛЕКУВА СО ДЕЗИНФЕКЦИСКИ СРЕДСТВА, УВ-ЗРАЦИ И ИЗБЕЛУВАЧ

    ТРАМП ПРЕДЛОЖИ КОРОНАВИРУСОТ ДА СЕ ЛЕКУВА СО ДЕЗИНФЕКЦИСКИ СРЕДСТВА, УВ-ЗРАЦИ И ИЗБЕЛУВАЧЛекарите предупредија дека идеите на Трамп се опасни и смешни (Фото: АП)

    Доналд Трамп беше нападнат од медицинската заедница откако предложи да се истражи дали коронавирусот може да се лекува со вбризгување на дезинфекциско средство во телото. Исто така беше отфрлена неговата идеја телото на пациентот да се изложи на ултравиолетови зраци.

    На редовниот брифинг во Белата куќа беа изложени резултати од владино истражување кое сугерира дека коронавирусот ослабнува кога е изложен на топлина и сончева светлина. Студијата исто така покажува дека избелувач може да го убие коронавирусот во плунка и респираторни течности за пет минути, а изопропил алкохол уште побрзо. Овие резултати беа претставени од Вилијам Брајан, шефот на Директоратот за наука и технологија при Одделот за татковинска безбедност.

    Трамп кажа дека треба да се направат дополнителни истражувања.

    „Замислете да го погодите телото со многу моќна светлина, како ултравиолетова и таа да продре под кожата. Ова колку што знам уште не е тестирано, но мислам дека ќе се тестира. Звучи интересно“, изјави Трамп и продолжи:

    „Потоа гледам како дезинфекциско средство го уништува вирусот за минута. Една минута! Дали има начин да се направи тоа, со вбризгување или на друг начин? И тоа треба да се провери. Јас не сум лекар, но сум добар во некои работи“.

    Лекарите предупредија дека идеите на Трамп се опасни, смешни и би можеле да имаат фатални последици.

    „Вбризгување или консумирање на какво било средство за чистење е неодговорно и опасно. Тоа е вообичаен начин кога луѓето сакаат да се убијат“, изјави пулмологот Вин Гупта.

    „Не земајте медицински совети од Трамп. Сето ова што го предложи се смешни или опасни концепти“, предупреди друг лекар.

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира