ТРАМП РАЗМИСЛУВАЛ ДА СЕ ПОМИЛУВА САМИОТ СЕБЕСИ ДОДЕКА СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПОВИЦИТЕ ЗА НЕГОВО ИТНО ОТСТРАНУВАЊЕ ОД БЕЛАТА КУЌА

    ТРАМП РАЗМИСЛУВАЛ ДА СЕ ПОМИЛУВА САМИОТ СЕБЕСИ ДОДЕКА СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПОВИЦИТЕ ЗА НЕГОВО ИТНО ОТСТРАНУВАЊЕ ОД БЕЛАТА КУЌАДемократите сметаат дека упадот во Капитол било востание против САД иницирано од Трамп (Фото: Гети)

    Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси се придружи на повиците за итно отстранување на Доналд Трамп од претседателската функција откако тој вчера нахушка свои приврзаници да упаднат во зградата на Конгресот, во обид да се спречи формалното прогласување на Џо Бајден за нов претседател. Во нередите во Капитол загинаа четири лица, при што е потврдено дека една жена е убиена од припадник на обезбедувањето.

    Трамп најави дека за 13 дена ќе има мирна транзиција на власта, но постојат стравувања дека тој и натаму претставува голема закана за национална безбедност, па видни политичари од редовите на Демократите побараа негова итна смена, во што добиваат поддршка и од некои републиканци.

    „Иако остануваат уште 13 дена од неговото претседателствување, секој ден може да биде хорор шоу. Тој е многу опасен човек. Мојот телефон експлодираше од повиците да се направи уште еден обид за отповикување на Трамп“, кажа Пелоси.

    Тоа би можело да се изведе со активирање на 25. амандман на уставот, односно потпретседателот Мајк Пенс и мнозинството од кабинетот треба да го прогласат Трамп за неспособен да ги извршува своите задолженија. Ова никогаш досега не се случило.

    Лидерот на Демократите во Сенатот, Чак Шумер, исто така побара итно отстранување на Трамп од Белата куќа.

    „Она што се случи вчера во Капитол беше востание против САД, иницирано од претседателот. Овој претседател ниту ден повеќе не би требало да биде во Белата куќа“, кажа Шумер.

    „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп ја разгледувал можноста самиот да се помилува пред да ја напушти Белата куќа на 20 јануари.

    „Во неколку разговори после изборите, Трамп им кажал на своите советници дека размислува да се помилува самиот себеси. Тој бил убеден дека има моќ да го направи тоа. Трамп верува дека неговите политички непријатели ќе го искористат законот против него откако ќе ја напушти функцијата“, пишува весникот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира