ТРАМП САКА ДА СЕ СРЕТНЕ СО ПУТИН „ШТО Е МОЖНО ПОСКОРО“, ВО ИСТАНБУЛ ПОЧНУВААТ МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ УКРАИНА-РУСИЈА

    ТРАМП САКА ДА СЕ СРЕТНЕ СО ПУТИН „ШТО Е МОЖНО ПОСКОРО“, ВО ИСТАНБУЛ ПОЧНУВААТ МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ УКРАИНА-РУСИЈАПрвите возила пристигнуваат на местото на преговорите во палатата Долмабахче во Истанбул. (Фото: АП)

    Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин „што е можно побрзо“, пред денешниот почеток на мировните преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул. „Мислам дека е време едниставно да го сториме тоа“, рече во Абу Даби Трамп, кој ја завршува блискоисточната турнеја и се враќа во Вашингтон. Тој вчера рече дека „ништо нема да се случи додека Путин и јас не се сретнеме“.

    Руските и украинските преговарачи се во петокот во Истанбул на, како што беше наведено, нивни први директни мировни преговори по повеќе од три години, под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна. Средбата што се очекува во палатата Долмабахче на Босфорот ќе биде знак за дипломатски напредок меѓу завојуваните страни, кои не се сретнаа лице в лице од март 2022, еден месец по руската инвазија.

    Во Истанбул, првите возила пристигнуваат на местото на преговорите, вклучувајќи бели минибуси и неколку црни автомобили. Извор од турското Министерство за надворешни работи изјави дека започнал состанок меѓу турските, американските и украинските претставници. Турски извори рекоа дека украинската и руската делегација ќе се сретнат во присуство на турски претставници со почеток во 11.30 часот.

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски кој дојде во Анкара на разговори со Турција, претходно рече дека го испраќа својот министер за одбрана на преговорите, но дека Русија е „несериозна“ за „вистински разговори“. Украинската делегација предводена од министерот за одбрана Рустем Умеров треба да се сретне со рускиот тим од ниско ниво на чело со помошникот на претседателот Владимир Медински. Украина го прифати американскиот и европскиот предлог за целосен 30-дневен прекин на огнот, но Путин практично го отфрли со наметнување далекусежни услови.

    Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио кој денеска дојде во Истанбул на разговори со турски и украински претставници, синоќа изјави дека нема „големи очекувања“ за денешните преговори.Украинските претставници утринава одржаа состанок со советниците за национална безбедност од САД, Франција, Германија и Обединетото Кралство за да ги координираат позициите.Американскиот тим беше предводен од пензионираниот генерал-полковник Кит Келог, специјален пратеник на Трамп за Украина и Русија, додека Умеров и шефот на претседателската канцеларија Андриј Јермак ја претставуваа Украина, рече официјалниот претставник. Се одржа и тристрана средба меѓу Турција, САД и Украина, соопштија претставници на турското Министерство за надворешни работи. Во американската страна беше и државниот секретар Марко Рубио, како и Келог.

    Последниот обид за ставање крај на војната вчера имаше тежок почеток, кога Путин ја отфрли понудата на Зеленски за средба лице в лице. Делегации од двете земји, исто така, дојдоа во различни градови, украинската во Акара, а руската во Истанбул, и составија тимови од значително различни дипломатски сили за можни разговори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира