ТРЕТИОТ БРАН НА КОРОНАВИРУСOT ЌЕ БИДЕ ЕДНАКВО ЛОШ КАКО ВТОРИОТ, ВЕЛАТ ГЕРМАНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ

    ТРЕТИОТ БРАН НА КОРОНАВИРУСOT ЌЕ БИДЕ ЕДНАКВО ЛОШ КАКО ВТОРИОТ, ВЕЛАТ ГЕРМАНСКИТЕ ЕКСПЕРТИГерманија планира да ги олесни рестрикциите од 17 март, иако британскиот сој забрзано се шири. (Фото: ДПА)

    Здравствените експерти во Германија веруваат дека ширењето на коронавирусот во земјата наскоро ќе го достигне нивото што постоеше пред Божиќ, како што продолжуваат да се шират попреносливите соеви. Стапката на заразата оваа недела се искачила до 63,8 на 100.000 жители, откако во средина на месецов се спуштила на 57,4. Рекордот бил забележан два дена пред Божиќ – 197,6. Институот „Роберт Кох“ денеска регистрираше 9.762 нови случаи на зараза, како и 369 починати од ковид-19.

    Торстен Лер, експерт за предвидувања за коронавирусот, смета дека претстојниот трет бран би можел да биде еднакво лош како вториот.

    „Верувам дека ќе се врати состојбата што ја имавме пред Божиќ. Стапката на заразата би можела да изнесува 200 во април“, изјави Лер.

    Според него, тоа се должи на засилените социјални контакти и ширењето на британскиот сој на коронавирус, кој се смета за попренослив. Лабораториите велат дека една третина од сите позитивни случаи сега отпаѓа на него.

    „Повеќе од 90% од новите случаи во иднина ќе му припаѓаат на овој сој, особено што се најавува олеснување на рестрикциите од 17 март“, вели Лер.

    Најново истражување покажа дека мнозинството Германци се подготвени за враќање во нормала, и покрај тоа што бројките се зголемуваат и би прифатиле ковид пасоши, што би им овозможило да одат во кино, театар, теретана и да патуваат. Ангела Меркел засега се спротивставува на воведување вакви дигитални сертификати.

    Во Македонија, пикот на епидемијата беше на 17 ноември, кога во еден ден беа регистрирани 1.406 нови случаи на ковид-19 од 3.398 тестирања, или 41.3 отсто од тестираните. Најголем број смртни случаи, 40, се регистрирани на 30 ноември 2020. Од почетокот на пандемијата кај нас, според официјалните бројки на Министерството за здравство, од ковид-19 се починати 3.119 лица, заклучно со вчера.

    Денеска, Чешка повторно прогласи вонредна состојба по последниот драматичен пораст на бројот на нови случаи на коронавирус, што се должи на ширењето на попреносливиот британски сој. Земјата исто така се ближи кон бројката од 20.000 починати од ковид-19 од почетокот на епидемијата.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира