Тројца мигранти се убиени, а еден е ранет во меѓусебна вооружена пресметка кај српско-унгарската граница. Пукањето се случи во напуштените складишта на земјоделскиот комбинат „Бачка“ близу пограничното село Хоргош. Голем број полицајци се испратени на местото на пукањето, објавија српските медиуми.
Извештаи за насилство и вооружени инциденти покрај српско-унгарската граница станаа доста чести. Илјадници мигранти кампуваат во областа, барајќи начин да преминат во Европска Унија со помош на криумчари.
Водејќи строга антиимиграциска политика, Унгарија постави висока ограда со бодликава жица долж границата со Србија за да се спречи наплив на мигранти. Српската полиција упадна неколкупати во пограничната област во изминатите месеци, при што биле уапсени криумчари и било запленето оружје.