Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека необичен тип на тромбоза може да се смета за многу редок несакан ефект на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ и Оксфорд.
„Комитетот за безбедност на ЕМА ги зеде предвид сите достапни докази при донесувањето на заклучокот. ЕМА ги потсетува здравствените работници и луѓето кои се вакцинираат да бидат свесни за можноста на појава на редок тип на тромбоза, комбиниран со ниско ниво на тромбоцити, што се јавува во рок од две недели по имунизацијата. Досега, најголем број случаи се регистрирани кај жени на возраст до 60 години. Врз основа на моментално достапните податоци, специфични ризични фактори не се потврдени“, соопшти ЕМА.
Комитетот испитал вкупно 86 случаи на тромбоза кои биле пријавени во Европска Унија до 22 март, од кои 18 биле фатални.
„Ковид-19 е болест од која постои ризик од хоспитализација и смрт. Пријавената комбинација на тромбоза и ниско ниво на тромбоцити е многу ретка, па вкупните придобивки од вакцината во спречувањето на ковид-19 на големо ги надминуваат ризиците“, кажа ЕМА.
Извршната директорка на ЕМА, Емир Кук, кажа дека вакцината на „АстраЗенека“ се покажала високо ефективна во спречувањето на сериозна болест и хоспитализација. Кук рече дека тромбоза била забележана „кај сите возрасти, кај мажи и кај жени“ и дека нема докази за „специфични ризични фактори како возраст, пол или претходна здравствена историја на тромбоза“.
„Сепак, тромбоза треба да се смета за можен несакан ефект на вакцината кај сите возрасти, и кај мажи и кај жени“, изјави Кук.
До 4 април, регистрирани се вкупно 222 случаи на тромбоза меѓу 34 милиони вакцинирани со „АстраЗенека“.