Турската амбасада во Косово побара од косовската Влада да преземе мерки против новинар, поради негов ироничен коментар на Фејсбук откако не успеа пучот во Турција, објави Ројтерс, повикувајќи се на документ што денеска и е покажан на новинаската агенција.
Додека се развиваше неуспешниот пуч на 15 јули, Берат Бузала, водечки новинар во Косово познат по сатиричните коментари, напиша на Фејсбук:
„Ги поканувам граѓаните на Република Косово кои се на одмор во Турција да и се придружат на армијата. Ова е најсериозен пуч откако постои Фејсбук“. Коментарот е потпишан со Интернет емотикон со исплазен јазик, што укажува дека не е сериозен.
Турција е најголем поддржувач на Косово, нејзини компании го управуваат единствениот аеродром, ја поседуваат електродистрибуцијата и градат два автопата вредни околу 2 милијарди долари.
Бузала има над 40.000 следбеници на Фејсбук. Неговиот портал за вести газетаекспрес.ком, кој е најголем во Косово и има околу милион читатели дневно, ги критикуваше Косовците кои заминале да се борат за Исламска држава во Сирија и Ирак.
На 20 јули, Турската амбасада во Приштина пратила нота до косовското министерство за надворешни работи и побарала да преземе мерки поради коментарот на новинарот.
„Министерството треба да осигура дека ќе се преземат неопходните чекори против ова лице, во согласност со законот“, се вели во нотата во која се дадени и принт скрин снимки од коментарите на Бузала на Фејсбук. Во нотата, амбасадата го цитира и новиот закон во Косово, кој забранува граѓаните да учествувват во вооруени судири вон земјата. Во нотата, амбасадата вели и дека законот пропишува оти за коментари како овој на Бузала следи казна затвор од 6 месеци до 5 години.
Косовското МНР одби да ја коментира нотата, а Бузала вели дека не е информиран за тоа, но видел дека има онлајн кампања против него од исламистички вебсајти кои бараат да биде уапсен.
„Ова ја демонстрира арогантноста на турската влада кон малите земји како Косово, оти сака да ги турне во политичка и судска покорност, покрај економската покорност. Незамисливо е странска влада да побара такво нешто поради сатирични коментари“, вели Бузала.