УКРАИНА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ПОБЕДА ЗА РУСИЈА, ДЕМОКРАТИЈАТА Е ПРЕСИЛНА ЗА ПУТИН, КАЖА БАЈДЕН ВО ВАРШАВА

    УКРАИНА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ПОБЕДА ЗА РУСИЈА, ДЕМОКРАТИЈАТА Е ПРЕСИЛНА ЗА ПУТИН, КАЖА БАЈДЕН ВО ВАРШАВАБајден порача дека западот не планирал никаков напад на Русија (Фото: Гети)

    Џо Бајден кажа дека целиот свет и целата демократија биле ставени на тест кога Русија ја нападна Украина пред речиси една година. Тој одржа говор во Варшава само неколку часа по обраќањето на Владимир Путин во рускиот парламент, во кое тој го обвини западот за војната во Украина и го суспендираше договорот за намалување на стратешкото вооружување со САД.

    „Пред една година Русија лансираше убиствен напад на Украина и ги стави на ризик глобалните принципи кои беа столб на мирот повеќе од 75 години. Пред една година, светот се подготвуваше за пад на Киев, но само што дојдов оттаму и можам да кажам дека Киев силно се држи“, кажа Бајден, кој го искористи доаѓањето во Полска за ненајавена посета на Киев.

    Тој нагласи дека светот реагираше на руската инвазија така што застана на страната на демократијата.

    „Демократијата е пресилна за Путин. Како резултат на инвазијата, НАТО е пообединет од кога било и дополнително ќе се прошири со Финска и Шведска“.

    Американскиот претседател испрати порака до Путин дека Украина никогаш нема да биде победа за Русија.

    „На автократите мора да им се спротивставиме. Слободните луѓе одбиваат да живеат во свет на безнадежност и темнина. Одговорот на украинскиот народ и на целиот свет беше исклучителен. И покрај руските напори, Украина и натаму е независна и слободна, иако пред неа се уште горчливи и тешки денови“, кажа Бајден.

    Обраќајќи му се на рускиот народ, Бајден порача дека западот не планирал никаков напад на Русија и дека војната никогаш не била неопходна.

    „САД и НАТО не сакаат да ја уништат Русија. Путин ја избра оваа војна и многу лесно може да ја заврши. Ако Русија ја запре инвазијата, тоа ќе ја запре војната, но ако Украина престане да се брани, тоа ќе биде крај за Украина“.

    Бајден заклучи дека одлуките донесени во следните години ќе го дефинираат светот за наредните децении.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира