УКРАИНА СТРАВУВА ЗА СУДБИНАТА НА БРАНИТЕЛИТЕ НА МАРИУПОЛ ОТКАКО ВЧЕРА ПОЧНА НИВНАТА ЕВАКУАЦИЈА

    УКРАИНА СТРАВУВА ЗА СУДБИНАТА НА БРАНИТЕЛИТЕ НА МАРИУПОЛ ОТКАКО ВЧЕРА ПОЧНА НИВНАТА ЕВАКУАЦИЈАДел од автобусите пристигнале во новоотворен руски затвор близу Доњецк (Фото: ЕПА)

    Конвој од автобуси со украински војници, меѓу кои и припадници на контроверзниот Азовски баталјон, вчера ја напушти челичарницата „Азовстал“, додека се зголемува неизвесноста околу нивната судбина. Двете страни зборуваа за договор според кој украинските борци треба да бидат евакуирани, но многу детали не се објавени, вклучувајќи ја нивната бројка, ни дали ќе има размена на заробеници.

    Предавањето става крај на најуништувачката опсада од почетокот на руската инвазија и му дава ретко чувство на победа на Владимир Путин.

    Пет автобуси пристигнале во градот под руска контрола Новоазовск, каде што ќе се лекуваат ранетите украински војници, а уште седум дошле во новоотворен затвор во Оленивка близу Доњецк. Москва вчера соопшти дека најмалку 256 војници го положиле оружјето и се предале, додека Украина кажа дека нивниот број е 264, вклучувајќи десетици тешко ранети.

    Кремљ соопшти дека Путин лично гарантира дека затворениците ќе бидат третирани според меѓународните стандарди, додека украинските власти се надеваат на некаква размена.

    Руските медиуми објавија дека војниците ќе бидат испрашувани од посебен руски комитет во рамките на истрагата за „злосторствата на киевскиот режим“. Спикерот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, изјави дека „нацистичките криминалци не треба да бидат разменети“, додека пратеникот Леонид Слуцки ги опиша евакуираните украински борци како „животни во човечка форма“ и додаде дека треба да бидат егзекутирани.

    Формиран во 2014 како крајнодесничарска доброволна милиција за борба против проруските сепаратисти, Азовскиот баталјон негира дека е неонацистички. Украина тврди дека се реформирал по интегрирањето во националната гарда.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира