Опозицискиот лидер Хуан Гуаидо презеде смел чекор за да ја преземе власта во Венецуела, излегувајќи на улиците да повика на воен удар, за што брзо доби поддршка од аминистрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, но и жесток отпор од силите лојални на оспорениот социјалистички претседател Николас Мадуро.
Насилни улични битки избувнаа во делови на Каракас во она што е досега најсериозниот удар за власта на Мадуро, а сето почна со ненадејното видео снимено на изгрејсонце близу воздухопловна база во главниот град, на кое Гуаидо заедно со тешко вооружени гардисти повика на конечен удар за да се урне власта на Мадуро. За изненадување е што до него стоеше и Леополдо Лопез, неговиот политички ментор и најпроминентен опозициски активист, кој денеска е ослободен од куќен притвор. Сепак, изгледа дека ненадејното востание, наречено „Операција слобода“, има ограничена поддршка.
Во меѓувреме, советникот за национална безбедност на САД Џон Болтон рече дека администрацијата на Трамп очекува тројцата највисоки функционери, меѓу кои и министерот за одбрана и претседателот на Врховниот суд, да постапат според, како што рече, приватните ветувања дека Мадуро ќе биде отстранет од власт. Болтон не даде објаснвања за неговата изјава. Тој кажа дека Трамп ја следи ситуација од минута во минута и дека очекува мирно предавање на власта од Мадуро.
Додека двајцата опозициски лидери ги координираа акциите од од коли паркирани на надвозник на автопатот, трупите лојални на Мадуро од соседната воена база спорадично пукаа со солзавец. Толпата од неколку илјади луѓе се растрча барајќи засолниште и подоцна се појави со Гуаидо на блискиот плоштад подалеку од пукотниците. Помала група млади луѓе остана на автопатот и фрлаше со камења и молотови коктели кон базата и запали неколку владини автобуси.
Во хаосот, неколку воени оклопни возила со полна брзина се втурнаа во толпата, при што беа повредени двајца демонстранти, а досега се ранети вкупно 50 луѓе.
Мадуро и дел од неговите генерали го осудија обидот за пуч и тврдат дека ја имаат контролата.
Генералнот секретар на ОН Антоно Гутереш ги повика обете страни на воздржаност, за да нема насилства и да се врати мирот во земјата.
Русија ја повика „радикалната опозиција“ да се повлече и да се воздржи од насилство.