Речиси 1.500 луѓе, вклучувајќи речиси 800 странци, се водат како исчезнати низ Непал и кинескиот Тибет откако ѕид од кал и карпи се урна во хималајска река, предизвикувајќи катастрофални поплави во градовите и долините. Спасувачите во Непал со хеликоптери бараат преживеани и испорачуваат помош до илјадници луѓе кои се отсечени, откако катастрофата го зафати суровиот планински регион преполн со планинари и аџии, што ја поврзуваа Ласа во Тибет со главниот град на Непал, Катманду.
Досега е потврдено дека загинале 165 луѓе, но властите очекуваат бројката да расте.
Речиси 500 странци се меѓу 826 лица исчезнати во Непал, соопштија полициски и туристички претставници. Од нив, 177 се од Индија, 63 од САД, 34 од Австралија, 33 од Велика Британија и 25 од Канада.
Бројот на исчезнати во округот Ѓиронг во Тибет е 558, вклучувајќи 260 странски државјани.
Ненадејната поплава во близина на границата на Непал со Тибет можеби била предизвикана кога се откинал глечер и паднал на дното на долината, велат експертите, повикувајќи се на сателитски снимки од „Планет лабс“. Не е јасно што го предизвикало уривањето на глечерот, но непалските власти посочија дека имало помал земјотрес во регионот неколку минути претходно.
Геологот Ден Шугар од Универзитетот во Калгари рече дека снимките покажуваат дека голема количина снег се стопила во 24-те часа пред катастрофата.
„Некои од глечерите во долината беа покриени со снег вчера, а денеска тие се претежно гол мраз. Она што можам да го видам на сателитските снимки на ‘Планет лабс‘ е дека долниот дел од глечер се откинал на околу 5.200 метри и се урнал на дното на долината околу 1.200 метри подолу“, рече тој.
Геолошкиот завод на САД соопшти дека првично пријавениот земјотрес со јачина од 4,4 степени, всушност, бил сеизмичка енергија создадена од колапсот на глацијални карпи и мраз, проследено со проток на остатоци.
Многу од жртвите оделе на аџилак во Каилаш Мансаровар, место на голема надморска височина во Тибет, кое го почитуваат и хиндусите и будистите.



