ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ГО ПРОДОЛЖИ КАРАНТИНОТ ЗА УШТЕ ТРИ НЕДЕЛИ, А ЊУЈОРК ДО 15 МАЈ

    ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ГО ПРОДОЛЖИ КАРАНТИНОТ ЗА УШТЕ ТРИ НЕДЕЛИ, А ЊУЈОРК ДО 15 МАЈВелика Британија вели дека сѐ уште не го запрела ширењето на заразата како што треба (Фото: АП)

    Карантинот во Велика Британија е продолжен за уште најмалку три недели, објави министерот за надворешни работи Доминик Раб.

    „Засега сѐ уште не сме го запреле ширењето на заразата како што треба и секоја промена на мерките на социјално дистанцирање во овој момент би претставувала голем ризик. Прераното укинување на мерките би било трагично и за економијата“, изјави Раб.

    Во Велика Британија има 861 починат од КОВИД-19 во последните 24 часа, со што вкупната бројка порасна на 13.729.

    Во исто време, и гувернерот Ендрју Куомо кажа дека карантинот во Њујорк ќе остане на сила до 15 мај, спротивно на најавите на Доналд Трамп дека САД полека ќе почнат да ги олеснуваат мерките.

    „Одлуката за тоа не треба да биде политичка или емотивна. Само факти и наука. Ние овдека зборуваме за спасување животи“, изјави Куомо.

    Во Њујорк починаа уште 606 луѓе од КОВИД-19.

    Шпанија втор ден по ред има голема бројка новозаразени – 5.183, што е за 2.100 повеќе во споредба со завчера. Земјата спроведе голем број брзи тестирања во последно време и здравствените власти веруваат дека на тоа се должи овој пораст. Во последните 24 часа има и 551 починат, а вкупно 19.130 досега.

    Италија пријави уште 525 починати од последиците на коронавирусот, а има и 3.786 новозаразени, што е значителен пораст во однос на вчера. КОВИД-19 досега однесе 22.170 животи во земјата.

    Јапонскиот премиер Шинзо Абе денеска прогласи вонредна состојба на територијата на целата земја откако таа досега важеше само за седум региони, вклучувајќи го и Токио.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира