ВЛАДИТЕ НИЗ СВЕТОТ ВО ДИЛЕМА ДАЛИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД-19 ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА АКО МАЛ БРОЈ ЛУЃЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ

    ВЛАДИТЕ НИЗ СВЕТОТ ВО ДИЛЕМА ДАЛИ ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД-19 ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА АКО МАЛ БРОЈ ЛУЃЕ СЕ ВАКЦИНИРААТПовеќето европски земји не размислуваат за задолжителна вакцинација. Сметаат дека граѓаните треба да имаат право на избор. (Фото: АП)

    Речиси една година од појавата на коронавирусот земјите ширум свотот почнуваат да се подготвуваат за вакцинација на населението. Но, имајќи го предвид фактот дека околу вакцинацијата постојат различни теории и мислења, државите сега се соочуваат со нова дилема – дали ако е мал бројот на луѓе кои ќе се вакцинираат доброволно, треба да воведат задолжителна вакцинација.

    • Во Германија демонстрациите против воведувањето на рестриктивни мерки за справување со ковид-19 ги актуeлизираа тврдењата за опасностите од вакцинација. Иако германскиот закон теоретски ѝ дозволува на Владата да бара цели делови од населението да се вакцинираат со законска регулатива, властите сè уште не ја направи вакцинацијата задолжителна. „Ви го давам мојот збор дека нема да биде воведена задолжителна вакцинација”, рече Јенс Шпан, германскиот министер за здравство.
    • Во  Соединетите Американски Држави сè уште не се исклучува можноста за задолжителна вакцинација. Одлуката за задолжителна вакцинација ќе им биде оставена на самите држави. Адвокатската комора во Њујорк на почетокот на ноември донесе резолуција со којашто им препорачува на властите да воведат задолжителна вакцинација доколку нема доволна бројка на доброволци. Ваквата мерка може да се зајакне со воведување на забрана на невакцинираните лица за посета на барови и ресторани.
    • Премиерот на Австралија, Скот Морисон во август оваа година изјави дека сака да ја направи вакцинацијата задолжителна за сите граѓани, веднаш штом вакцината стане достапна.
    • Швајцарија размислува за воведување на делумна задолжителна вакцинација. „Во зависност од ситуацијата, задолжителната вакцинација може да има смисла во посебни ситуации“, рече шефицата на Федералната канцеларија за јавно здравје Ана Леви.

    Од друга страна пак повеќето европски земји не размислуваат за задолжителна вакцинација. Сметаат дека граѓаните треба да имаат право на избор.

    • Во Франција вакцинацијата ќе биде доброволна. „Нема да ја направам вакцинацијата задолжителна“,  рече претседателот на Франција, Емануел Макрон, во своето ТВ обраќање кон крајот на месец ноември.
    • Како и Франција, и Шпанија нема намера да ја направи вакцинацијата задолжителна. Според владиниот план истата ќе биде доброволна, бесплатна и првично резервирана за групи со висок здравствен ризик.
    • Националната стратегија за вакцинација во Чешката Република наведува дека учеството во имунизацијата ќе биде доброволно.
    • Италијанскиот премиер, Џузепе Конте во телевизиско интервју за ЛА7 изјави дека вакцинацијата во Италија ќе биде доброволна.

    Во едно истражување спроведено во средината на ноември во Словенија, близу 60% од граѓаните се изјаснија дека се против вакцинација и доколку би била изнајдена вакцина не би се вакцинирале од страв дека вакцината ќе биде само изговор за реализација на некоја поголема цел.

    Со порастот на популарноста на теориите на заговор, некои поддржани од владата и делумно од медиумите, во Унгарија над 50% од населението на вакцинацијата гледаат со доза на скептицизам.

    Во националното истражување коешто беше спроведено изминатиот месец од најголемиот независен анкетар на Руската Федерација, “Левада Центар”, повеќе од половина од испитаниците 59% изјавија дека не планираат да користат руска вакцина.

    Во Аргентина каде постои задолжителна вакцинација против повеќе болести, вакцинацијата против коронавирус засега нема да биде задолжителна. Сепак, може да биде вклучен во календарот на задолжителна вакцинација во подоцнежна фаза, откако ќе се докажат новите вакцини ефикасни и безбедни.

    Голем дел од вакцините во Бразил се веќе задолжителни. Но, сепак, постојат силни резерви за воведување на задолжителна вакцинација за коронавирусот, особено помеѓу приврзаниците на десничарскиот претседател, Џаир Болсонаро. Гувернерот на Сао Паоло, Џоао Дориа ги предводеше протестите со паролата “ние не сме заморчиња”, откако претходно се покрена прашањето за задолжителна вакцинација против коронавирусот.

    Велика Британија е првата земја во светот која ја одобри широката употреба на вакцината против ковид-19 што заеднички ја развија „Фајзер“ и „Бионтек“. Британскиот регулатор вчера соопшти дека вакцината, која обезбедува 95-процентна заштита од ковид-19, е безбедна за употреба и имунизацијата би можела да почне за неколку дена. Вакцината прво ќе ја примат високоприоритетните групи, во кои спаѓаат жителите на старечки домови, луѓето над 80 години и здравствените лица.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира