Министерство за образование на Турција денеска прогласи за работонеспособни 21.000 наставници, вработени во приватни институции. Одлуката на министерството е дел од акциите кои турската влада ги презема по неуспешниот обид за државен удар на 15 јули. Претходно, Советот за високо образование побарал оставки на 1.577 декани и професори од сите универзитети во државата, a министерството за образование соопшти дека отпушти од работа 15.200 вработени. Министерството за образование ги обвинува за врски со Фетулах Ѓулен, свештеник кој живее во САД, а кого турската влада го обвинува дека стои зад пучот во петокот. Ѓулен негира секаква врска со пучот.
Премиерот Бинали Јилдирим вети акција против приврзениците на Ѓулен.
„Жалам, но оваа паралелна терористичка организација веќе нема да биде шепа врз која било земја. Ќе ги искорениме така што ниедна терористичка организација нема веќе никогаш да се осмели да го предаде нашиот благословен народ“, изјави Јилдирим.
Весникот „Хуриет“ објави дека повеќе од 49.000 луѓе во Турција добија отказ од работа во различни министерства и државни институции осомничени дека се вмешани во обидот за воен удар. Судството, војската, безбедносните и јавни служби сите се цел на чистките по пучот:
- 6.000 војници се уапсени, а над 20 генерали чекаат судење
- 9.000 полицајци се суспендирани
- Скоро 3.000 судии се суспендирани
- Над 250 вработени во кабинетот на Јилдирим се отпуштени
- Турското регулаторно тело за медиуми денеска ги одзеде лиценците на 24 радио и ТВ станици обвинети за врска со Ѓулен.
Во меѓувреме, излезе веста дека армијата првите разузнавачки информации дека се према пуч ги добила во петокот околу 16 часот, неколку часа пред пучистичката фракција да ги заземе со тенкови клучните инфраструктурни објекти. Генералштабот соопшти дека ги алармирал надлежните институции и дека главнината од генералите немаат ништо со пучот.
Отпуштањето на илјадници државни слубници ги алармира меѓународните набљудувачи, а ОН побараа Турција да го врати владеењето на правото и да ги одбрани човековите права. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја обвини Турција дека и се одмаздува на политичките противници и критичарите.