ВО МАРИУПОЛ ИМА СТОТИЦИ МРТВИ, ГРАДОТ СЕ ГРАНАТИРА 14 ЧАСА, ВЕЛАТ ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ

    ВО МАРИУПОЛ ИМА СТОТИЦИ МРТВИ, ГРАДОТ СЕ ГРАНАТИРА 14 ЧАСА, ВЕЛАТ ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИВластите на Мариупол кажаа дека руските трупи ја запреле евакуацијата на цивилите (Фото: АП)

    Властите на Мариупол на југоистокот на Украина изјавија дека бројни цивили загинале како резултат на 14-часовното интензивно гранатирање на градот, кој со денови е под опсада на руските сили. Овој град на брегот на Азовското Море е стратешки важен за Русија, зашто овозможува копнено поврзување на анектираниот полуостров Крим со сепаратистичките трупи во источна Украина.

    „Не го знаеме точниот број на жртвите, но веруваме дека има стотици мртви. Не можеме да ги собереме телата. Руската војска ги користи сите можни оружја и се обидува целосно да го уништи градот“, изјави заменик-градоначалникот Сергиј Орлов.

    Градоначалникот Вадим Бојченко кажа дека руските трупи ја запреле евакуацијата на цивилното население.

    „Има огромни уништувања на станбената инфраструктура. Има многу ранети, а, за жал, и мртви, меѓу нив и жени, деца и стари луѓе. Се случува геноцид на украинскиот народ. Окупациските сили на Руската Федерација сторија сè за да се спречи излегувањето на цивилите од градот. Прекинат е и железничкиот сообраќај, а локомотивите се гранатирани. Нивната цел е да нè уништат“, кажа Бојченко.

    За тоа време, Русија и Украина се подготвуваат за втората рунда мировни разговори, но не беше кажано каде таа ќе се одржи вечерва.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира