ВРХОВНИОТ СУД ГО ОДБИ ОБИДОТ НА ТРАМП ДА СЕ ПОНИШТИ ПОБЕДАТА НА БАЈДЕН

    ВРХОВНИОТ СУД ГО ОДБИ ОБИДОТ НА ТРАМП ДА СЕ ПОНИШТИ ПОБЕДАТА НА БАЈДЕНПо одлуката на Врховниот суд, Трамп твитна: „Врховниот суд навистина нè разочара. Нема мудрост, нема храброст“. (архивска фотографија)

    Врховниот суд во САД ја одби тужбата да се поништат резултатите од претседателските избори во четири клучни држави во кои победи избраниот претседател Џо Бајден и практично стави крај на надежите на претседателот Доналд Трамп дека може да ја оспори победата на неговиот противкандидат.

    Со тужбата, поднесена од државата Тексас, се бараше поништување на резултатите во државите Џорџија, Мичиген, Пенсилванија и Висконсин. Тужбата ја поддржаа 18 државни обвинители и 106 републиканци од Конгресот. Но, Врховниот суд вчера со кусо образложение пресуди дека Тексас нема правна основа за тужбата.

    По одлуката на Врховниот суд, Трамп твитна: „Врховниот суд навистина нè разочара. Нема мудрост, нема храброст“.

    Врховниот суд претходно одби друга тужба со која се оспоруваше победата на Бајден во Пенсилванија. Шест од деветте судии во актуелниот состав на Врховниот суд се назначени од републикански претседатели, вклучувајќи тројца од Трамп.

    Демократскиот кандидат Џо Бајден победи со 306 наспроти 232 електорски гласови и освои над 7 милиони гласови повеќе од Трамп. Електорскиот колеџ ќе се собере во понеделник и формално да го избере Бајден за 46. претседател на САД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира