Германија, Белгија и Холандија ги регистрираа највисоките температури во својата историја, откако втор жежок бран за период од еден месец погоди делови од Европа.
Холандската метеоролошка служба објави дека во близина на градот Бреда се измерени 39,2 Целзиусови степени, со што е надминат националниот рекорд од 38,6 степени од август 1944.
Во Белгија се регистрирани највисоките досега 39,9 степени, што е за еден степен повисоко од претходниот рекорд од 1947 година. Метеоролозите предвидуваат натамошен раст на температурите. Највисоката, црвена тревога е прогласена за територијата на двете земји.
И Германија објави дека веројатно е поставен нов рекорд, откако во Гелзенкирхен биле измерени 40,5 степени, 0,2 степени повисоко од досегашниот национален рекорд.
„Најекстремната жештина ќе се пресели од централна и северна Франција во Холандија, Белгија и западниот дел на Германија“, изјави Ерик Листер од сајтот „Акуведер“.
Француските власти огласија црвена тревога за Париз и за 19 други области, очекувајќи температурите да пораснат до 42-43 степени. Главниот архитект задолжен за обновата на Нотр Дам предупреди дека големата жештина би можела да предизвика уривање на покривот.
Сегашните жештини во Франција се споредени со оние од август 2003 година, кога починале 15.000 луѓе.