Полицијата денеска ја фатила на работното место како хигиеничарка во гимназијата Никола Карев, осомничената Ј.А. која извадила лажно лекарско уверение дека е болна и неподвижна, за да гласа во сабота легната в кревет, во домашни услови.
Ј.А., откако била начекана жива и здрава на работното место, полицијата ја однела право во полициска станица на сослушување.
Полицијата и обвинителството, како што објави вчера САКАМДАКАЖАМ.МК, отворија истрага за случај со масовно издавање на специјалистички и субспецијалистички упати и извештаи на 29 лица, со невистинита содржина дека се неподвижни лица, за да гласаат во сабота дома.
МВР денеска потврди дека на втори овој месец добило анонимна пријава дека постои сомнение оти лекарката М. И., специјалист по интерна медицина во јавната здравствена установа „Геронтолошки завод 13 ноември“, издала повеќе специјалистички извештаи за пациенти со невистинита содржина за нивната здравствена состојба (неподвижен) и оти е под истрага за кривично дело издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарско уверение.
Лажните уверенија лекарката М.И. ги издала на 25. и на 28. минатиот месец. На 25.11. таа за три часа издала 15 специјалистички упати и исто толку субспецијалистички извештаи, а на 28. 11., за само 38 минути испечатила 14 специјалистички упати и исто толку специјалистички извештаи, за лица за кои излажала дека имаат отоци на зглобовите и оти се неподвижни. Се работи вкупно за 29 лажни лекарски уверенија што ги издала М.И..
За издавање лажни лекарски уверенија, но и за употреба на лажни уверенија, казната е од парична до три години затвор.
Меѓутоа, овие извештаи роднините на „неподвижните“ 29 гласачи ги доставиле во Државната изборна комисија. Тука има опасност и од друго кривично дело, за кршење на Изборниот законик, каде казните се повисоки. ДИК првин ги прифатила, но откако се информирала за случајот, Општинската изборна комисија Ѓорче Петров повторно ќе ги отвора лекарските извештаи за наводна болест и изнемоштеност на овие 29 гласачи. Предистражните дејствија ги опфаќаат и 29-темина пациенти кои бараат да гласаат во домашни услови, како соучесници во фалсификатот на лекарката.
Извештаите од кај лекарката наводно ги подигнале роднини на неподвижните кои сакаат да гласаат во сабота, но никаде нема нивни потписи. Освен тоа, осомничената лекарка нема доказ дека овие пациенти ја платиле партиципацијата од 60 денари.
„Тешко се движи, не се движи, има отоци на зглобовите“ е дијагнозата која лекарката М. И. Ја навела речиси во сите нејзини сомнителни извештаи.
МВР потврдува дека е извршен разговор со директорката на Заводот, со осомничената лекарка М. И. и со комисијата која ги посетувала подносителите на барањата во нивните домови и констатирала дека тие се „болни, неподвижни“.
Ј.Ј., Л. Ј. и П. М., сите вработени во оваа институција како медицински лица. По проверката, се открило дека тие се во добра здравствена состојба, а некои од нив одат на работа.