Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид воведе нов оперативен зафат, артроскопска хирургија на рамен зглоб. Во изминативе две дена успешно беа оперирани пет пациенти на возраст од 17 до 73 години со застарени комплексни повреди.
Тимот на доктори, специјалисти-ортопеди, д-р Огнен Шешоски и д-р Александар Стевоски, операциите ги направија под надзор на доктори од Словенија.
„Се работи за пациенти со застарени повреди по исчашување на рамениот зглоб, кои се повторувале и со секое наредно исчашување повредата се зголемувала. Во однос на патологијата која ја третиравме, станува збор за случаи после повторливи исчашувања на рамениот зглоб, воспаление во дел од мускулатурата на рамениот зглоб или состојби после повреди на рамениот зглоб. Новитет, исто така, е што за првпат користевме импланти направени од конец со помал дијаметар од стандарднатите користени, но не се губи на цврстината, а е предност во однос на рехабилитацијата“, вели д-р Шешоски.
Според него, значителна била помошта на лекарите од Специјалната болница „Ватодра“ од Словенија
„Овие пет случаи кои ги сработивме изминативе денови беа доста комплексни и за сето тоа имавме значителна помош и бевме под супервизија на лекарите од Словенија, особено од началникот на нивното Одделение за спортска медицина д-р Марјановиќ, кој присуствуваше тука во нашата Установа за да биде супервизор“, додаде Шешоски.
Д-р Љупчо Богоевски, специјалист-ортопед, вели дека ваквиот метод е многу значаен оти пациентите во регионот во иднина нема да патуваат во Скопје за вакви оперативни зафати, а со тоа нема да се изложуваат на дополнителни трошоци.
„Изминатите два дена бевме сведоци на еден, би рекол, извонредно важен напор за понатамошно навлегување во сериозноста на ортопедската институција. Навлеговме во патологијата посериозно, во однос на рамениот зглоб“, вели д-р Богоевски.
Според него, сериозната современата ортопедска институција е токму изнаоѓање на правото решение за откривање на проблемот и соодветно решавање на истиот.
„Откривањето е преку дијагностичките процедури од типот на магнетна резонанца, компјутерска томографија, ултразвук и врз основа на тоа навлегување во третманот на тој начин докажани промени. Навлеговме посериозно во патологијата на рамен зглоб, во суштината на проблемот и во решавањето на соодветен начин“, вели д-р Богоевски.
Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид на крајот од минатата година за првпат беше изведена хируршка интервенција, имплантација на рамен зглоб, а во последните години се применуваат и нови методи за скршеници на горниот, долниот и средниот дел на надлактна коска.
С. ВРЕНЦОВСКА