Северна Македонија ќе добие 250 илјади вакцини против ковид-19 од производителот „АстраЗенека“ како донација од Владата на Данска, соопшти Данската амбасада во Белград.
Владата намени намени еден милион дози вакцина (по 250.000 дози) како донација за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и за Северна Македонија. Покрај тоа, Владата намени уште еден милион дози вакцини „АстраЗенека“ за Ковакс механизмот.
Во моменталната епидемиолошка ситуација, данските здравствени властија ја вклучија вакцината на производителот „Астра Зенека“ како изборна.
Од Амбасадата велат дека со оглед на тоа дека побарувачката за оваа вакцина е многу ограничена, данските власти одлучиле да ја поделат порачаната количина вакцини „АстраЗенека“ со земјите на кои им е потребна. Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „АстраЗенека“, кои Данска ги порача и ги плати, но кои сѐ уште не се испорачани. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираатво наредните месеци.
„Нашите соседи на Балканот имаат значаен недостиг на вакцини, што истовремено оптоварува некои заедници и го зголемува ризикот од нови жаришта, кои може да се појават и да се прошират. Затоа ми е драго што можеме да излеземе во пресрет и да им помогнеме на нашите блиски партнери со ова апсолутно неопходно оружје против пандемијата, односно со вакцините. Западниот Балкан е дел од нашето непосредно соседство и имаме силен заеднички интересда се држиме заедно и во пандемијата“, изјави министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.
Хрватска вчера ни донираше 10 илјади вакции „АстраЗенека“, а најавена е донација од уште 20 илјади вакцини, но сѐ уште не се знае дали ќе бидат „АстраЗенека“ или „Модерна“.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 346.836 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.294 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.615 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225.340 граѓани.
Со последните бројки 52 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 % од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Преку веб платформата vakcinacija.mk се пријавиле 481.809 граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче денес рече дека во вторник ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени во земјава, освен во градовите Скопје, Битола и Тетово. Во овие три градови до петок следната недела ќе бидат повикани сите пријавени граѓани, со што ќе бидат вакцинирани сите вкупно 500.000 пријавени во земјава, но властите сметаат дека тоа не е доволно и затоа апелираат до граѓаните да се пријавуваат за вакцина против ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА