Следната недела ќе почнеме со издавање на „грин пас“, тоа ќе биде оној електронски кју-ар (QR) код, во кој ќе има податоци за вакцината, ПЦР тест и евентуално за антитела, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Така, кој било од трите параметри, ако се бара во која било европска земја, да може патникот да ги има со себе“, кажа министерот.
Сертификатите за примена вакцина против ковид-19 по барање може да се подигнат од матичен лекар или од вакцинален пункт.
„Министерството за здравство ќе издава потврда со кју-aр (QR) код, на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани кои примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Насоките за изработка на овој сертификат се од Европската мрежа за здравје каде предвидоа дата сет на податоци кои ги содржи кодот односно тој сертификат, а тоа се – име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, тип на вакцина и на сертификатот има дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот може да се добие и како потврда, и во електронска форма, по барање на граѓанинот. Сертификатот го прилагодуваме по препораките на ЕУ, за непречено патување на нашите граѓани“, изјавија од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК на 7 мај.
Имунизацијата против ковид-19 во земјава во моментов се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“, и на „Синофарм“.
Филипче денеска додаде дека се во комуникација со српските колеги, од каде што се чекаат податоци за граѓаните што примиле вакцина таму, за да може ревакцината да ја добијат во Македонија и да добијат сертификат во матичната земја. За „Астра Зенека“ останува одлуката кај нас да не се дава на лица под 60 години.
Б. НЕСТОРОСКА