ДВЕ ЛИЦА ПО ТРЕТПАТ ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД-19, ЕДНИОТ ИМАЛ БУБРЕЖНА БОЛЕСТ, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КОЧИНСКИ ОД ИЈЗ

    ДВЕ ЛИЦА ПО ТРЕТПАТ ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД-19, ЕДНИОТ ИМАЛ БУБРЕЖНА БОЛЕСТ, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КОЧИНСКИ ОД ИЈЗДосега се пријавени 7 смртни случаи од реинфекциите, кажа д-р Кочински. (Фото: К. Попов)

    Две лица во земјава досега по третпат се заразиле со ковид-19, а 953 лица двапати се заразиле, рече денеска епидемиологот Драган Кочински од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на онлајн средба која ја организираа Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа и Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, во соработка со НВО Инфоцентарот.

    Говорејќи за реинфекциите, Кочински кажа дека од двете лица кои по третпат се заразиле со коронавирус, едното лице има хронична бубрежна болест и е на дијализа, со намален одговор на телото кон болеста. Другиот случај на зараза бил пријавен вчера и сѐ уште не е готова епидемиолошката анкета.

    „Во однос на реинфекциите, присутни се сите возрасни групи, нема некое правило дали некој помалку или повеќе се заразува. Повеќето се со коморбидитети, а мислам дека досега се пријавени 7 смртни случаи од реинфекциите“, кажа д-р Кочински.

    Тој наведе повеќе податоци за состојбата со ковид-19 во земјава, како на пример дека во 2020 се регистрирани 83.734 случаи, од нив 2.904 се починати (3.47 отсто). Во 2021, заклучно со 7 декември, регистрирани се 134.460 заболени, а од нив 4.784 се починати (3.56 отсто). Од вкупно заболените, 50.8 отсто се жени, додека од починататите 59.5 отсто се мажи.

    Според последниот извештај на ИЈЗ за периодот од 29 ноември до 5 декември, тестирани се 16.948 материјали,  со намалување од 9,8% во однос на минатата недела. Регистрирани се 2.275 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 17,3% во однос на минатата недела.

    Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (521, 22,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (92; 4,0%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи.

    Пријавени се 68 смртни случаи во 18 градови во текот на изминатата недела, со намалување од 30,6% во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (27). Во однос на возраста, најголем број (54; 79,4%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (1) и 30-39 години (3).

    Со статус оздравени се стекнале 2.540 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

    Заклучно до вчера, вкупно ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата се 218.194, оздравени се 204.685, починаа 7.688, а активни се 5.821 болни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира