МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ СЛЕДАТ СИМПТОМИТЕ НА ЛИМФОМ КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ, АПЕЛИРА ДИРЕКТОРКАТА НА ХЕМАТОЛОГИЈА Д-Р ПАНОВСКА-СТАВРИДИС

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ СЛЕДАТ СИМПТОМИТЕ НА ЛИМФОМ КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ, АПЕЛИРА ДИРЕКТОРКАТА НА ХЕМАТОЛОГИЈА Д-Р ПАНОВСКА-СТАВРИДИСДенес се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за лимфом, и директорката вели дека свесноста и препознавањето на симптомите се од суштинско значење за раното откривање. (Фото: СДК.МК)

    Состојбата со ковид-19 да не ги одвраќа луѓето од посета кај матичните лекари, затоа што физичкиот преглед на лимфниот јазол е клучен чекор во откривањето на ова заболување, апелира директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис. Денес се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за лимфом, а директорката потенцира дека свесноста и препознавањето на симптомите се од суштинско значење за раното откривање.

    Многу е важно да се препознаваат симптомите на лимфомот и да се побара навреме помош од лекар. Зголемен, безболен, поткожен лимфен јазол е симптом кој не треба да се занемарува ниту од пациентите, ниту од здравствените работници. Дополнително, намалена енергија, треска, температура, чешање по телото, намалување на телесна тежина, се исто така симптоми кои не треба да се игнорираат.

    „На овој ден, исто така, апелираме до матичните лекари редовно да ги прегледуваат своите пациенти со палпација на лимфните јазли, затоа што раното дијагностицирање и соодветниот третман на ова хематолошко малигно заболување има клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот. Доколку рано се дијагностицира и навремено се третира, пациентите добиваат шанса за долг, квалитетен и среќен живот“, вели д-р Пановска-Ставридис.

    Приближно 1 од 50 лица има ризик да заболи од оваа болест во текот на својот животен век.

    Во 2019 во Македонија беа дијагностицирани 150 пациенти со лимфом, во 2020 година до август биле откриени 74 пациенти со ова заболување, додека во оваа 2021 година кај 52 пациенти е дијагностициран лимфом. Овие бројки бележат пад на новодијагностицирани пациенти со не-Хочкинов лимфом од 38% споредено со истиот период од минатата 2020 година.

    „Од почетокот на пандемијата па до денес забележуваме континуирано опаѓање на бројот на новодијагностицирани пациенти. Но, за жал овој опаѓачки тренд, не значи дека нема новозаболени пациенти, туку дека луѓето со симптоми поради пандемијата и стравот од зараза, не посетуваат навремено доктор, а со тоа ја пролонгираат раната детекција која е од огромна важност кај малигните заболувања“, вели директорката.

    На Клиниката за хематологија е отворена и електронската амбуланта, со која се поедноставува комуникацијата помеѓу матичните лекари и хематолозите. Со цел да се заштити оваа група пациенти која е под зголемен ризик од инфекција, лекарите од Хематологиха препорачуваат овие лица да се вакцинираат против ковид-19.

     


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира